В петок, според СДСМ, Заев ќе го добие мандатот, Мицкоски за нови избори ако се исцрпат можностите за формирање влада

На два дена до рокот за доверување на мандатот за состав на Владата, официјално нема договор меѓу партиите кои освоија најмногу пратенички места. Од СДСМ тврдат дека Заев е мандатар и дека во тек се разговори за парламентарно мнозинство, а Мицкоски пак вели дека го известил Ахмети дека токму ВМРО-ДПМНЕ е победник во македонскиот блок. За неизвесноста да биде поголема, досегашниот собраниски спикер Талат Џафери тврди дека рокот за мандат почнува да тече откако ќе се избере претседател на Собрание и сеуште не го испраќа дописот до претседателот на државата за конституиран Парламент, а пак шефот на државата Стево Пендаровски смирува дека рокот си тече и дека Собранието е конституирано со верификација на мандатите на 4 август 2020 година.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера на прес-конференција рече дека лидерот на ДУИ Али Ахмети го информирал дека ДУИ почнува преговори со СДСМ, бидејќи тоа е партијата што победила во македонскиот блок. Тој не се согласил со ставот на Ахмети оти СДСМ победила во македонскиот блок, истакнувајќи дека партијата што убедливо победила кај Македонците е ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на можноста за нови парламентарни избори наесен, Мицкоски цени дека се уште постојат можности за формирање влада, но доколку тие се исцрпат тогаш, како што вели, може да се разговара за нови избори.

– Не се сите можности исцрпени, мислам дека се уште постојат можности за формирање политичка влада, доколку и тие се исцрпат, тогаш може да зборуваме за нови избори, рече Мицкоски.

Портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов вчера рече дека мандатар за состав на новата Влада е Зоран Заев.

-Во тек се разговори и консултации за парламентарно мнозинство и коалиција за полн, четиригодишен стабилен мандат. Во интерес на разговорите во овој момент не би можеле да изнесуваме детали, истакна Костадинов.

Во однос на роковите за доделување на мандатот Костадинов посочи дека за СДСМ важен е ставот на претседателот на државата, Стево Пендаровски кој вели дека веднаш по конституирањето на Собранието, започнуваат да течат законските рокови и дека доделувањето на мандатот ќе се случи согласно роковите.

Лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, в понеделникот на средбата во Собранието не постигнаа договор околу формирањето на нова влада, сепак, како што истакнаа, разговорите ќе се продолжат во текот на наредните денови, а доколку има волја ќе се постигне позитивен епилог.

Заев по средбата истакна дека жали што не може веднаш да каже дека е постигнат договор и најави дека разговорите ќе продолжат следните денови. Тој рече дека со Ахмети имале напредок во аргументацијата на ставовите на двете партии. Очекува неделава да биде доделен мандатот за формирање влада и порача дека таа треба да се формира за да носи решенија за одговор на предизвиците. Лидерот на СДСМ вели дека нови избори не се решение затоа што ќе се повтореле резултатите.

Преседателот на ДУИ Ахмети рече дека со Заев разговарале околу платформите за да ги доближат ставовивте, нагласувајќи дека ќе зависи од волјата на двете страни за да се постигне позитивен епилог во полза на државата.

Досегашниот претседател на Собранието Џафери смета дека дека без избран прв човек на Собранието нема конституиран Парламент и дека се уште не испратил известување до шефот на државата Стево Пендаровски за формирањето на парламентот со што би почнале да течат роковите за доделување на мандатот. И покрај ваквиот став на Џафери неговиот лидер Ахмети ги почна разговорите за парламентарно мнозинство со Заев.

Преседателот Пендаровски преку неговиот Кабинет за МИА појаснија дека согласно уставните одредби во член 90 став 1 рокот за доделување на мандатот е десет дена од констиуирањето на Собранието. Со денот на верификација на мандатите на пратениците се смета дека Собранието е конституирано. Според шефот на државата, Џафери и да не го испрати дописот согласно уставните норми, роковите за доделување на мандатот на кандидатот на партијата или партиите кои имаат мнозинство во Собранието течат од 5 август 2020 година.

Во петок истекуваат десетте дена за формирање на влада, откако се одржа конститутивната седница. Во Уставот е предвидено претседателот на државата да го довери мандатот за состав на Владата на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *