Културно – уметничкото друштво „Илинден“ од Битола годинава одбележува 65 години од основањето, а свеченостите посветени на јубилејот ќе бидат реализирани со ревија на народни носии и концерт.
Јубилејната програма е адаптирана на мерките за заштита од Ковид-19, но како што информираат од КУД „Илинден“-Битола, сепак достоинствено ќе бидат одбележани 65 години културно творештво, 65 години опстојување, 65 години горди чувари на македонската традиција .
-Јубилејната програма ќе биде реализирана во текот на овој месец, како дел од прославата 65 години КУД „Илинден“ Битола и со повод, затоа што месец август е месецот на нашиот патрон Илинден и се состои од ревија на народни носии и концерт на традиционална музика и игра. Двата настана ќе се одржат на 13 и 14 август и заради здравствените протоколи ќе бидат од полуотворен тип. Во КЦ Магаза ќе се одржи ревијата , додека пак во амфитеатарот на Тумбе кафе ќе биде одржан концерт, изјави Антонијо Димитровски, претседател на КУД „Илинден“-Битола.
Јубилејна програма е посветена на основачите на КУД „Илинден“-Битола и во чест на јубилејот, во текот на годината ќе бидат промовирани видео и фото документацијата од настапите на ансамблите почнувајќи од првите фотографии на оркестарот и други ретки материјали од богатата архива на Друштвото, претставување на поранешни и актуелни членови на ансамбл от, соработници, помагатели и поддржувачи.