Заев: Ги прифаќам забелешките на новинарите, сите да се потрудиме за подобра комуникација

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев денеска на својот Фејсбук профил напиша дека ги прифаќа забелешките на новинарите за неговиот начин на комуникација по собраниската конститутивна седница.

Како што наведува Заев, секој пред јавноста е одговорен за своите постапки.

Тој уште порачува и дека нема никаква намера да влијае врз работата медиумите и новинарите.

– Добив реакции од различни страни од новинарската фела за изборот на зборови и начинот на комуникација со дел од новинарите во Собранието, по конститутивната седница. Ги прифаќам забелешките на ЗНМ и фелата и во размена на мислења со нив веќе укажав дека сите треба да се потрудиме за подобра комуникација во иднина и дека немам никаква намера да влијаам врз работата на медиумите и новинарите. Секој пред јавноста е одговорен за своите постапки, а сите имаме обврска секојдневно и здружено да работиме на оневозможување на ширењето на лажните вести, на запирање на клеветите, навредите и нападите врз која било индивидуа, вклучително и врз медиумските работници, пишува Заев на својот Фејсбук профил.