Средба Заев – Холштајн: СДСМ води сериозни разговори за формирање Влада

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денеска ја информира германската амбасадорка во земјава, Анке Холштајн дека неговата партија води сериозни разговори за формирање ново, стабилно парламентарно мнозинство и нова Влада која ќе работи во интерес на граѓаните.
Како што истакна Заев на средбата со Холштајн, развој и унапредување на економијата, како и реформи во правосудството ќе бидат врвните приоритети на новата Влада.
– Водиме процес на разговори преку кои ќе обезбедиме сигурно стабилно парламентарно мнозинство преку кое ќе обезбедиме нова, одговорна Влада со полн четиригодишен мандат. Заради преговорите со ЕУ, заради предвидливоста и економската сигурност, потребно е стабилно парламентарно мнозинство и формирање стабилна, одговорна Влада која ќе движи брзо напред. Развој и унапредување на економијата и реформи во правосудството ќе бидат врвните приоритети на новата Влада предводена од СДСМ и тоа ќе го покажеме уште во првите сто дена од мандатот, нагласи Заев.
СДСМ информира дека амбасадорката Холштајн упатила честитки за „успешно организираните фер, слободни и демократски избори на 15 јули“. Таа воедно изразила уверување дека Германија продолжува уште повеќе посветено да ја поддржува Република Северна Македонија во остварување на стратешката цел – членството во ЕУ.
Освен за актуелната политичка ситуација во државата и евроинтегративниот процес, на средбата се разговараше и за состојбата со коронавирусот, како и за односите меѓу двете држави.
Лидерот на СДСМ рече дека земјава нема поголем пријател и посилен поддржувач на евроатлантскиот пат од Германија.
– Навистина сме благодарни на поддршката што сите овие години ја добиваме од Германија, не само од канцеларката Ангела Меркел, туку и од министри за надворешни работи, од членови на Бундестагот, од германски европратеници. За нас е чест и привилегија на европскиот пат да имаме силен и искрен сојузник како што е Германија. Убедени сме дека преку реформите, преку Берлинскиот процес кој за првпат ќе го водиме ние како држава кандидат, дека ќе ги дадеме сите аргументи за отворање на почнување на преговори, додека трае германското претседавање со Унијата, порача Заев.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *