АЕК: Постапка за 5Г до крај на годината преку аукција, поединечни одобренија за сите опсези

Двата постоечки оператори поради условите предизвикани од Ковид – 19, се за одложување на постапката на доделување радиофреквенции за 5Г за следната година, додека ЕОЛО, заинтересираниот странски инвеститор, смета дека таа треба да се спроведе во најскоро време.

Ова го објави Агенцијата за електронски комуникации во став по анализа на забелешките и коментарите што беа доставени до неа во тек на јавната расправа што ја организираше ова регулаторно тело во врска со планираното доделување одобренија за 5Г.  Пристигнатите коментари од компаниите: Intracom Telecom, НЕОТЕЛ, Македонски Телеком, А1 Македонија и EOLO S.p.A. се достапни на веб страницата на АЕК заедно со одговорите и ставот на регулаторното тело на  http://линк 

АЕК во документот најавува дека постапката  за доделување одобренија за 5 Г технологијата ќе почне до крајот на годинава и ќе биде преку аукција, при што ќе се понудат поединечни одобренија за сите опсези. Тоа, појаснува, од причина што операторите се заинтересирани за различни опсези, односно ниту еден оператор не е заинтересиран за сите опсези.

-Постапката за доделување  одобренија ќе започне до крајот на 2020 година. Двата постоечки оператори, поради условите предизвикани од Ковид 19, се за одложување на постапката на доделување за следната година. Меѓутоа, ставот на ЕОЛО како заинтересиран странски инвеститор е постапката да се спроведе во најскоро време. Во Националниот оперативен бродбенд план (НОБП) е наведено АЕК да распише тендер до крајот на 2020 година. Со започнување на постапката се зголемува и можноста за зголемување на конкуренцијата и од други заинтересирани страни, а секако и дека трет мрежен оператор е и една од целите на АЕК. Дополнително, прогласената вонредната состојба поради Ковид 19 е укината, наведува АЕК.

Оттаму наведуваат дека по потребното усогласување на ЗЕК, одобренијата за национално/регионално покривање ќе се доделуваат на 15 години со можност за продолжување уште за пет години.

Во одобренијата, најавуваат, ќе бидат внесени условите за покриеност од Националниот оперативен броадбенд план:
• До крајот на 2023 година најмалку еден град да биде покриен со 5G сигнал;
• До крајот на 2027 година сите градови во државата да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал;
• До крајот на 2029 година, секој граѓанин да има можност за пристап до интернет преку 5G со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.
• До крајот на 2025 година, главните коридори согласно Договорот за основање на транспортна заедница на основната и сеопфатна патна мрежа во државата да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал.

АЕК на 5 февруари годинава објави повик за добивање мислење од заинтересираните страни во однос на издавањето одобренија за 5Г со рок на доставување до 6 март, којшто беше пролонгиран до 20 април гдинава на барање на домашните  оператори.

Од АЕК претходно за МИА изјавија дека сите пристигнати мислења ќе бидат разгледани од нивните стручни служби и ќе бидат соодветно имплементирани во законската постапка, предвидена со Законот за електронските комуникации (ЗЕК) за доделување на овие радиофреквенции.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на јавна дебата минатиот месец соопшти дека АЕК наесен планира да го објави првиот оглас за изразување на интерес за користење на фреквенции за 5Г согласно Националниот оперативен бродбенд план (НОБП).