Средба на министерот Нухиу со амбасадорот на Словачката Република, Маркуш

Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу денеска одржа работна средба со амбасадорот на Словачка Република во Скопје Хенрик Маркуш.

На средбата, соопшти денеска МВР, биле потврдени пријателските односи, отсуството на отворени или спорни прашања помеѓу двете држави, како и соработката во голем број области од заемен интерес.

Министерот Нухиу и амбасадорот Маркуш разговарале за вонредните парламентарни избори кои се спроведоа во нашата држава, активностите кои Министерството за внатрешни работи во рамки на своите надлежности ги презема во справување со глобалната пандемија „Ковид – 19“, како и за останати предизвици од безбедносен карактер.

– На средбата од страна на двајцата соговорници особено беше истакната соработката помеѓу двете министерства за внатрешни работи во рамки на граничното управување преку упатување словачки полициски службеници на македонска територија кои вршат активности за заштитна и поголем надзор и контрола на јужната државна граница заедно со македонската полиција, стои во соопштението од МВР.