Според податоците од Годишниот информатор за дискриминација за 2019 година кој е дел од проектот „Поддршка на С. Македонија во унапредувањето на владеењето на правото и човековите права“ што го спроведува Хелсиншкиот комитет за човекови права во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како најчести основи за кои граѓаните сметаат дека биле дискриминирани се пол, род, родов идентитет, попреченост, етничка припадност, здравствена состојба и сексуална ориентација.
Како што соопштија од Хелсиншкиот комитет, најчести области во кои граѓаните сметаат дека биле дискриминирани се работните односи, пристапот до добра и услуги, здравствена заштита, медиуми и образование.
– Во однос на работата на надлежните институции во областа на заштита од дискриминација,
во 2019 година забележано е намалување на бројот на постапки пред Народниот правобранител и бројот на мислења во кои е констатирана дискриминација, во однос на 2018 година. Народниот правобранител продолжува да води статистика за соодветна и правична застапеност и за случаите на дискриминација под една категорија, иако станува збор за две различни области. Забележано е значително намалување на судските постапки за заштита од дискриминација, се вели во соопштението.
Од добиените информации од јавен карактер од основните судови во земјава, додаваат, во 2019 година биле иницирани девет постапки за заштита од дискриминација и биле донесени пет одлуки, за разлика од 2018 година кога биле поведени 36 постапки за заштита од дискриминација и биле донесени 49 одлуки.
И оваа година, како и изминатите години, велат од Хелсиншки комитет, здруженијата на граѓани продолжуваат да бидат најактивни во делот на покренување на свесноста за постоењето на дискриминацијата.
– Судовите не водат посебна статистика за судските постапки иницирани за заштита од дискриминација, поради што не можат да обезбедат соодветни податоци за основите и областите за кои граѓаните барале заштита од дискриминација. Годишниот извештај не вклучува податоци за постапувањето и работењето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација бидејќи по завршувањето на мандатот на Комисијата во август 2019, не беа избрани нови комисионери во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, па Комисијата не издаде годишен извештај, се наведува во соопштението.
Од Хелсиншки комитет порачуваат дека е неопходно проактивно вклучување на јавните функционери и државните институции во процесот за подигнување на свесноста за постоењето на дискриминацијата.
Од голема важност е, велат оттаму, Народниот правобранител да почне да води одделна статистика за случаите за соодветна и правична застапеност и за случаите на дискриминација. Апелираат Народниот правобранител почесто да го користи своето законско овластување за иницирање постапки по службена должност и да ја зголеми својата вклученост како „пријател на судот” (amicus curiae) во судски постапки за заштита од дискриминација.
– Судовите треба да почнат да водат посебна статистика за сите случаи на дискриминација, т.е. за статистиката треба да биде поделена по основите, областите и видот на дискриминација што ќе овозможи точен преглед на случаите на дискриминација. Дополнително вака судовите ќе можат да одговорат на потребата за доставување на точни податоци и утврдување на трендовите на дискриминација, велат од Хелсиншки комитет за човекови права.
Додаваат оти е потребно подобрување на пристапот до судска заштита од дискриминација и пристапот до правда воопшто за жртвите од дискриминација.
– Од најголемо значење е носењето нов Закон за спречување и заштита од дискриминација и воспоставувањето нова, функционална и професионална Комисија за спречување и заштита од дискриминација, како најважен механизам за превенција и заштита од дискриминација, стои во соопштението.
Хелсиншкиот комитет за човекови права во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје го спроведува проектот „Поддршка на Северна Македонија во унапредувањето на владеењето на правото и човековите права“. Една од активностите во рамките на овој проект е подготовка на Годишен информатор кој ги прикажува збирните податоци добиени од здруженијата на граѓани за регистрираните случаи на нееднаков третман, информациите од јавен карактер добиени од првостепените судови за бројот на судски постапки во делот на заштита од дискриминација, како и обработка на податоците од годишниот извештај за 2019 година на Народниот правобранител во однос на регистрираните случаи, поведените постапки и донесените мислења за заштита од дискриминација.