Здружението на новинари (ЗНМ) и Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ) најостро реагираат на јавно искажаните закани и омаловажувања со елементи на говор на омраза упатени преку социјалната мрежа Фејсбук, до новинарите и активистите на „Цивил медиа“, Џабир Дерала и Петрит Сарачини.
На оваа социјална мрежа, личност со профил именуван како „Марјан Камиловски“ неодамна јавно има објавено фотографија со огнено оружје, a потоа и заканувачки текст проследен со вулгарни зборови кој упатува на тоа дека нема да се толерира јавно кажана критика кон еден од ново избраните пратеници во Собранието на РСМ. Друг профил мотивиран од оваа објава, именуван како „Sekula vojdova fan club“ на агресивен начин и навредлив начин се обраќа кон новинарите нарекувајќи ги „северџани“, „балистички кучиња“, по што останати корисници во продолжение упатуваат закани и говор на омраза.
Овој тип на агресивна реторика присутна на дел од профилите на социјалните медиуми, се засили во текот на изборната кампања, за што повеќе пати реагиравме, а продолжува и после предвремените парламентарни избори.
Како новинарски организации укажуваме дека говорот на омраза и заканите по живот се кривични дела предвидени во Кривичниот законик, а надлежните институции пред се Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство (ОЈО) во Скопје, треба итно да ги истражат и процесираат со цел да ги казнат оние кои го прекршуваат законот но и да превенираат евентуални дела предизвикани од омраза.
Потсетуваме дека безбедноста на новинарите и правото на слободен говор се основните обележја на земја што претендира да биде демократска. Затоа инсистираме од институциите итна реакција и активно следење на појавата на говор на омраза особено на социјалните мрежи. Од политичките партии пак, особено од оние кон кои заканувачите јавно покажуваат наклонетост, бараме јавна осуда на нападите и поддршка на слободната мисла.