Државниот секретар Мајк Помпео на одбележувањето на 231-та годишнина од формирањето на Стејт департментот синоќа ги истакна успесите на американската дипломатија во изминатата година, меѓу кои, го посочи и зачленувањето на С. Македонија во НАТО.
– Овој значаен датум е можност да се посочи на основната улога на нашата дипломатија во унапредуање на интересите, безбедноста и економскиот просперитет на американскиот народ, посочи Помпео.
Тој ги пофали кадрите во Стејт департментот за „исклучителната работа за промоција и презентација на нашите демократски вредности и унапредување на каузата за слободен, мирољубов и просперитетен свет“.
– Во годината што измина, продолживме со притисокот против режимот во Иран…, промовиравме мир во Авганистан… и на нашите сојузници и партнери им ја откривме вистинската природа на кинеската Комунистичка партија. Исто така, ја пречекавме С. Македонија како 30-та членка на НАТО и објавивме план за имплементација на американската стратегија за жените, мирот и безбедноста, бидејќи да се даде власт на жените е правилно и тоа ќе го направи светот побезбеден, се вели во соопштениото на американскиот државен секретар.
Во него се истакнуваат и огромните напори што САД ги прават во борбата со пандемијата на коронавирус дома и во светот.