Заврши Минхенската безбедносна конференција, Шекеринска со повеќе билатерални средби и учество на панели

Заврши 54. Минхенска безбедносна конференција во рамки на која министерката за одбрана Радмила Шекеринска се сретна со министрите за одбрана на Канада, Харџит Саџан, на Бугарија, Красимир Каракачанов, на Литванија, Раимундас Кароблис, на Црна Гора, Предраг Бошковиќ, како и со заменичката генерален секретар на НАТО, Роуз Готемолер, со евро-комесарот Јоханес Хан и со претседавачот на конференцијата, Волфганг Ишингер.

На средбите, соопшти Министерството за одбрана, Шекеринска ја потврдила посветеноста на Владата на Република Македонија на реализација на планот 3-6-9 и на реформите во клучните области како владеењето на правото, слободата на медиумите, независноста на институциите. Министерката ја реафирмирала стратегиската определба за членство на Македонија во НАТО-Алијансата и во Европската Унија, како и политиката на државата за добрососедски односи и пријателство.

Заменичката-генерален секретар на НАТО, Роуз Готемолер посочила дека Алијансата дава поддршка за реформските политики на Владата и се заблагодарила за учеството на припадниците на Армијата на Република Македонија во мировната мисија на Алијансата во Авганистан. Евро-комесарот Хан ги поздравил реформските напори на Владата и изразил подготвеност ЕУ да ја продолжи поддршката на Република Македонија во реализација на зацртаните реформи.

Република Македонија од министрите за одбрана на Канада, на Бугарија, на Литванија и на Црна Гора добила целосна поддршка за членство во Алијансата, и понуда за размена на искуства во реализацијата на реформските процеси во земјата.

Министерката говорела и на панелот на Глобалниот форум на жените – политички лидери посветен на глобалната безбедносна агенда од перспектива на жените. Панелот ставил фокус на безбедносната политика и новите закани, и на тоа како жените политичарки можат да дадат нова перспектива во справувањето со заканите. Говорнички на овој панел биле и бароницата Кетрин Ештон, поранешна потпретседателка на Европската комисија и поранешна висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Џенифер Морган, извршна директорка на Гринпис Интернационал, Патриција Флор, генерална директорка за Меѓународниот ред, Обединетите нации и контрола на вооружувањето во германската федерална канцеларија за надворешни работи и Џули Лин Теигланд, регионален менаџер на „Ернст и Јанг“ за Германија, Швајцарија и Австрија.

Министерката присуствувала и на вечерата во чест на американскиот сенатор Џон Мек Кејн кој ја добил наградата на Минхенската конференција, а главен говорник на настанот бил поранешниот потпретседател на САД Џо Бајден. Заедно со министрите за одбрана од регионот биле и на заедничкиот ручек организиран од министерката за одбрана на Германија Урсула фон дер Лајен при што била потврдена поддршката на нашата земја на патот кон НАТО.

Во фокусот на овогодишната конференција беше улогата на ЕУ како глобален актер и нејзините односи со НАТО, САД и Русија. На конференцијата учествуваа секретарот за одбрана на САД, Џејмс Матис, генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, британската премиерка Тереза Меј, претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, еврокомесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *