Завршна конференција во рамки на Европската шема за млади професионалци од Западен Балкан

На 21 и 22 јули, Британскиот совет одржа онлајн регионална конференција, со која беше означена завршницата на Шемата на Европската унија за млади професионалци од Западниот Балкан. Учесниците на оваа конференција – млади државни службеници од државите на Западниот Балкан, како и претставници од делегациите на Европската унија и министерствата дискутираа за клучните постигнувања на проектот во врска со регионалната соработка на државните служби, во контекст на процесот на пристапување кон ЕУ. Во текот на конференцијата беа презентирани регионалните и националните истражувачки проекти за: развој на ново лидерство во државните администрации на државите од Западниот Балкан, задржување на кадрите, функционирање за време на пандемијата на Ковид-19, дигитална трансформација и модерни предизвици и можности за ефективно управување со јавните служби. Наодите од овие истражувања ќе бидат споделени со претставниците од државните администрации од Западниот Балкан, со цел да се подобри и зајакне соработката.

На конференцијата беше презентирана и онлајн платформата наменета за младите државни службеници од државите од Западниот Балкан, која беше изработена во текот на самиот проект. Конференцијата претставуваше извонредна можност за учесниците во проектот да ги анализираат утврдените наоди и да дискутираат за рамката за нивната идна соработка во однос на пристапувањето кон ЕУ и зајакнувањето на капацитетите на државната администрација.

Во рамки на Шемата за млади професионалци, финансирана од страна на ЕУ и имплементирана од Британскиот совет, почнувајќи од октомври 2016 година, 90 млади државни службеници од Западниот Балкан, во рок од две недели ги посетуваа едукативните програми на Институтот за политички студии (Sciences Po) во Париз и на Европскиот колеџ во Бриж и спроведоа регионална размена во шесте главни градови. Во текот на регионалната размена, тие анализираа повеќе различни аспекти поврзани со агендата за проширување на ЕУ.

Главни говорници на завршната онлајн проектна конференција беа Ангус Бјарнасон, Заменик на регионалниот директор на Британскиот совет и Женовева Руиз Калавера, Директорка за Западниот Балкан во рамки на Генералниот директорат на Европската комисија за соседска политика и преговори за проширување за Западниот Балкан.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *