Чудата на светиот Архангел Гавриил 13 јули (по стар стил)

Oвој голем Божји Архангел се празнува на 26 март.
На денешен ден пак, се слават и чествуваат неговите чуда и јавувања низ целата историја на човечкото спасение. Се смета дека оваа слава е востановена најпрво на Света Гора во 9 век, за време на царевите Василиј и Константин Порфирородните и на патријархот Никола Хрисоверг, а по повод јавувањето на овој Архангел во една ќелија близу до Кареја, каде што со прст на камен ја испиша песната кон Пресвета Богородица „Достојно ест“.

Заради овој настан таа ќелија и денес се нарекува ќелијата „Достојно ест“.
Во оваа прилика се приспомнуваат и останатите јавувања на Архангелот Гавриил: кога му се јави на Мојсеја кој во свое време го чуваше стадото Јоторово, а нему Архангелот како на Божји избраник му соопшти како е создаден светот, кое Мојсеј подоцна и го запиша во Книгата Битие; кога му се јави на пророкот Даниил и му ја објави тајната за идните царства и за доаѓањето на Спасителот; јавувањето на света Ана кога ѝ благовестеше со ветувањето дека ќе ја роди преблагословената и Пречиста Дева Марија; многукратното јавување на Пресветата Дева додека Таа пребиваше во храмот ерусалимски; кога му се јави на првосвештеникот Захарија и го извести за раѓањето на свети Јован Претеча и за казната на немост што ќе го постигне свети Захарија затоа што не им поверува на зборовите на Архангелот; кога повторно ѝ се јави на Пресветата Дева во Назарет и ѝ благовестеше за зачнувањето и раѓањето на Господ Исус Христос; јавувањето на праведниот Јосиф; јавувањето на пастирите кај Витлеем; Му се јави и на Самиот Господ во Гетсиманската градина, кога Господ како човек беше поткрепуван од овој Архангел пред страдањето; кога им се јави на жените Мироносици итн.

SHARE