Во Грција голема увереност дека е можно решение за името

Во Грција, по средбата на министрите за надворешни работи на двете земји Никос Коѕијас и Никола Димитров, се зголемува позитивното мислење за решавање на спорот и во анализите на медиумите и кај политичките чинители. Тие сепак, потенцираат дека клучот за решение е „ерга омнес“ и менување на македонскиот Устав.

Во анализата за маратонските разговори на Димитров и Коѕијас весникот „То Вима“, како што јавува дописникот на МИА од Атина, коментира дека веќе треба да се смета за сигурно забрзувањето на разговорите, но и променетиот состав на инволвираните страни, бидејќи од ниво на преговарачи, преговорите сега се водат на ниво на министри за надворешни работи.

– Во јадрото на разговорите се наоѓа Меѓународниот договор што ќе ја замени Времената спогодба од 1995 и ќе стане основен столб на идните односи меѓу Грција и поранешната југословенска Република Македонија. Од оваа гледна точка, името што на крај ќе се одбере не е самото по себе „големиот трн“, барем за Атина, пишува „То Вима“.

Во однос на името, повикувајќи се на изјавите на македонскиот премиер, новинарот анализира дека предлозите на Нимиц што се со временска одредница веќе не се на преговарачката маса. По „Република Македонија (Скопје)“, што беше отфрлено од грчката страна, сега се чини дека и „Република Нова Македонија“, според „То Вима“, е името за кое не се разговара.

– Клучна точка останува комбинацијата на постепена примена на ерга омнес со промените во скопскиот Устав, што ги бара грчката страна. Не е јасно колкав напредок е постигнат во оваа точка, но од постоечките информации, Атина не е негативно настроена во однос на тоа да му даде „грејс период“ на Скопје за да го смени внатрешното име. Нормално, ќе треба да се договори точната формула според која ова ќе се направи, но и временскиот периодот (на пр. една година). – пишува весникот „То Вима“ во анализата, пренесува МИА.

Дека има позитивна клима за решавање на овој спор, вчера истакна и грчката министерка за административна реконструкција, според која, преговорите меѓу Македонија и Грција се наоѓаат во идеален моментум, наспроти тврдењата на лидерот на опозициската Нова демократија дека во овој момент нема околности за решение.

Олга Геровасили, во интервју за грчката новинска агенција АПЕ-МПЕ, вели дека грчката влада ги користи создадените услови, јавува дописникот на МИА од Атина.

Таа ги повтори грчките позиции за сложено име, ерга омнес и објасни дека ако не се постигне конечно решение, тогаш ќе се случи она што ги плашело оние кои излегле на протестите во Грција.

– Денес над 100 земји, ПЈРМ ја имаат признаено како „Македонија“. Сакаме ова да остане вака? Нѐ интересира да се реши името, што е катализатор за целосна нормализација на билатералните односи? Или сакаме прашањето да се влече уште 20 години, како што предложи господинот Мицотакис?, прашува грчката министерка во интервјуто, упатувајќи критики до опозициската Нова демократија.