Собранието на Република Македонија го одобри барањето на Кривичниот суд за одземање на имунитетот на пратениците Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов, Љупчо Димовски и Сашо Василевски, поради притвор за насилствата во Парламентот на 27 април годинава.
За одземање на мандатот гласаа 66 присутни пратеници на денешната 25 седница.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не учествува на седницата. Според нив, седницата е „политичка фараса, чија единствена цел е реваншизам, сеење омраза и уништување на сите оние кои што мислат различно“.
Со денешното гласање заврши постапката предвидена со Деловникот на Собранието и Уставот за симнување на имунитетот на шестемина пратеници. Тие, сепак, според македонската легислатива и Уставот, ќе останат на пратеничката функција се додека евентуалната пресуда на Кривичниот суд не стане правосилна и ако бидат осудени за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.
Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов, Љупчо Димовски и Сашо Василевски се дел од 36-те лица кои Основното јавно обвинителство ги гони за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, во врска со настаните од 27 април годинава во Собранието на Република Македонија.