„Инфомигрантс“: Мигранти одново се упатуваат кон балканската рута преку Идомени

Мигрантите постојано се обидуваат да ја преминат грачката граница кон Северна Македонија во реонот на Идомени. Тие во ноќните часови во групи се обидуваат да се качат на возовите како слепи патници или да ја пробијат оградата долж границата, објави поратлот „Инфомигрантс“.

– Тие скокаат на возовите и покрај ризикот да ги удри струја при допир на високонапонските кабли, вели за порталот машивозач, кој неодамна открил група мигранти во неговиот воз.

Сепак, од оние што ќе успеат да ја минат границата, најчесто се пресретнувани од полициските патроли во земјава, кои потоа ги враќаат назад во Грција.

– Таков е случајот со пакистанскиот мигрант Муса, кој успеал да премине во Северна Македонија преку дупка во граничната ограда. Но, бил фатен. Тој вели дека прво бил „претепан од полицијата во Северна Македонија, а потоа и од Грците“ кога бил вратен преку границата, наведува „Инфомигрантс“.

Порталот го наведува и примерот на 20-годишниот Сириец, Абдула кој повеќе дена се криел во трошна зграда во близина на железничката станица во Идомени, чекајќи го „вистинскиот момент“ за да ја премине границата и преку т.н. балканска рута да замине за Западна Европа. – Ќе направам се, за да ја преминам границата, вели Абдула.

Според порталот, тој не е единствен случај, бидејќи цели семејства на мигранти престојуваат долж пругата или во напуштените вагони во близина на железничката станица во Идомени, а штом ќе се појават патроли на грчката полиција, тие се распрснуваат низ околните полиња.

– Малото грчко село Идомени лежи на границата меѓу Грција и Северна Македонија. Во 2015 година стотици илјади мигранти и бегалци преминаа низ ова подрачје движејќи се пеш кон Европа. За да биде спречен големиот прилив на мигранти во Европа, ЕУ и Турција во март 2016 година склучија договор, со кој земјите од Унијата ги затворија своите граници за бегалците, а Грција изгради ограда долж нејзината северна граница, додава поратлот.

„Инфомигрантс“ потсетува дека во 2015 година Идомени беше главен точка за прилив на бегалците кои од Грција сакаа да заминат кон Западна Европа.

– Во тоа време таму имаше импровизиран камп со повеќе од 13.000 луѓе, се додека кампот не беше евакуиран од властите во мај 2016 година. Мигрантите и бегалците беа присилно преместени во алтернативни сместувалишта ширум Грција, а шаторите беа отстранети со булдожери, наведува порталот.

Но, според „Инфомигрантс“, сега Идомени одново станува главен канал за мигрантите и бегалците.

Локалниот жител Лазарос Олис вели дека во Идомени секојдневно пристигнуваат по околу 200 луѓе.

– Некои поставија и шатори на полињата. Се плашиме дека Идомени повторно ќе прерасне во камп, изјави Олис.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *