Сејдини: Управниот суд е подготвен да прими тужби по решенијата на ДИК

Подготвени сме да примиме тужби од страна на овластени претставници на листите на кандидати за пратеници во текот на денешниот или утрешниот ден, меѓутоа, до овој момент нема поднесено тужби, вели претседателот на Управен суд Бурим Сејдини.

Во вечерашното гостувањето на Топ Тема, Сејдини изрази надеж дека нема да дојде до блокада на судот, бидејќи се преземени сите активности и мерки за судот да функционира во целиот свој капацитет.

-Извршена е жрепката на советите за одлучување по избори, така што, убедени сме дека Управниот суд ќе успее навремено да ги изврши своите законски надлежности, а тоа е да донесе одлуки по поднесените тужби и да имаме официјални конечни резултати по одржаните предвремени парламентарни избори 2020 година, рече Сејдини.

Повтори дека се прават напори да се организираат и судот да постапува најефикасно што е можно.

-За првпат Управниот суд, како што се најавите, ќе се соочи со оваа бројка на тужби. Моментално сите стручни соработници, сите судии се на располагање, правиме соодветни симулации како да се обезбеди тоа да навремено одлучиме во рокот од 60 часа по приемот на тужбите, рече Сејдини.

Убедени сме, додаде тој, дека на нашата држава и е потребно што побрзо да се стигне со официјалните конечни резултати за да може конечно да профункционира законодавната власт во нашата држава.

-На денешната координација што ја имавме со колегите договаравме темпо на постапување посебно во делот на јавната расправа, бидејќи таа е задолжителна согласно Изборниот законик да тоа оди брзо, ефикасно за да може навремено да се стигне и во рок од 60 часа да се пресудат тужбите и во рок од два часа после истекот на тој рок да се објават изреките на одлуките како што налага Изборниот законик, посочи првиот човек на Управен суд.

Согласно член 148 од Изборниот законик, како што појасни, тужбата до Управниот суд подносителот ја заснова на основа наводите истакнати во приговорот што е поднесен до ДИК.

-Јас лично вчера ја следев работата на ДИК немаше такви предлози на изведување на докази и сметам дека тој основ, мое размислување, е дека не може да дојде до одраз во конкретниот случај затоа што тие не се предложени во постапката пред ДИК, рече Сејдини.

Тој посочи дека судот работи под секаков стандард, бидејќи нема сала за одржување јавни расправи согласно новиот Закон за управни спорови.

-Во судот се соочуваме со огромни проблеми во делот на она што значи просторни услови… Искрено се надевам дека  ќе успееме, меѓутоа сепак се работи за технички услови за коишто за жал во судството генерално ги немаме, истакна меѓу другото Сејдини.