ВМРО-ДПМНЕ останува на барањето за физичко пребројување на гласовите од сите 3.480 избирачки места, ќе поднесе тужби до Управниот суд

Почитувани, ВМРО-ДПМНЕ смета дека со одлуката на Државната изборна комисија да ги одбие поднесените приговорите и да издаде Решение со таква одлука го наштети изборниот резултат постигнат на предвремените парламентарни избори и со тоа нанесе штета на севкупниот изборен процес, но и врз угледот на Република Македонија. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе Тужби до Управниот суд по Решенијата од ДИК.

ВМРО-ДПМНЕ поднесе два суштински приговори до ДИК во однос на барање на физичко пребројување на гласачките ливчиња од сите 3480 избирачки места во државата, заради утврдување на точен и конечен резултат од предвремените парламентарни избори од 13, 14 и 15 јули, како и во делот на свесната кампања со наведување на гласачите за уништување на гласачко ливче.

Сметаме дека се прекршени, односно не се испочитувани ставовите од членот 135 од Изборниот законик, кои што се однесуваат на објавувањето на резултатите.

Резултатите објавени по електронски пат не се совпаѓаат со реалните резултати од записниците број 16, а од страна на ДИК беа објавени по законскиот рок од 12 часа за објавување на првичните резултати. Притоа, резултатите објавени на електронската апликација на ДИК не се во согласност со резултатите во записниците број 16, односно со оглед дека поголем дел од резултатите внесени на апликацијата на ДИК не се совпаѓаат со резултатите од записниците број 16, се отвора сомнеж за легитимноста на севкупниот изборен процес.

Понатаму, бројките објавени од страна на ДИК во Заклучокот за објавување на резултатите, односно вкупниот број на неупотребени гласачки ливчиња заедно со број на употребени важечки и неважечки гласачки ливчиња кои што се објавени во Заклучокот, е помал од бројот на избирачи запишани во Избирачкиот список. Тоа остава сомнеж за тоа каде се останатите гласачки ливчиња кои што недостасуваат согласно објавениот Заклучок на ДИК.

Заради двете причини наведени во првиот од двата приговори баравме и остануваме на барањето за физичко пребројување на сите употребени ливчиња во гласачките кутии во сите 3480 Избирачки места.

Вториот приговор кој што ДИК го одби се однесува на неважечките ливчиња, односно за постапката за сумирање и утврдување на резултатите во делот на неправилна примена на член 115 од Изборниот законик, односно за утврдување на едно гласачко ливче за важечко. Ова е производ првенствено на несоодветниот изглед на гласачкото ливче со кое што се спроведоа предвремените парламентарни избори, односно со изглед спротивен на пропишаната законска норма од член 96 од Изборниот законик. Оваа неправилност доведе до можност за манипулација со гласачите, што беше искористена со свесната кампања водена од политичка опција за наведување на гласачите за уништување на гласачко ливче и тоа да биде прогласено за неважечко.

Оттука, ВМРО-ДПМНЕ по решението на ДИК за одбивање на двата приговори ќе поднесе Тужба до Управниот суд. Сметаме дека во едни вакви услови Управниот суд ќе донесе правилна одлука со прифаќање на Тужбите од ВМРО-ДПМНЕ и со тоа ќе допринесе за враќање на вербата на севкупната јавност во изборниот процес за предвремените парламентарни избори 2020 кои што се одржаа на 13,14 и 15 јули.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *