Лидерот на албанската опозиција Баша во дводневна посета на Косово

 Претседателот на најголемата опозициска партија во Албанија, Демократската партија (ПД), Љуљзим Баша се очекува да допатува денеска во дводневна официјална посета на Косово, на покана од премиерот Авдулах Хоти, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што е соопштено, Баша во Приштина ќе се сретне со косовскиот државен и политички врв.

За денеска се предвидени средби со претседателот на Косово, Хашим Тачи, премиерот Хоти и собраниската спикерка Вјоса Османи, како и со лидерите на партиите Движење самоопределување (ВВ), Алијанса за иднината на Косово (ААК) и Социјалдемократска иницијатива (Нисма), Албин Курти, Рамуш Харадинај и Фатмир Лимај.

Лидерот на албанската опозиција денеска ќе се сретне и со челници на Демокртскиот сојуз на Косово (ЛДК) и на Демократската партија на Косово (ПДК), додека за утре се предвиддени средби со градоначалниците на Приштина и на Митровица, Шпенд Ахмети и Агим Бахтири.

За време на престојот во Косово, Баша ќе биде придружуван од потпретседателот на ПД Еди Паљока, поранешниот министер за надворешни работи Бесник Мустафа, членот на партиското претседателство Крешник Чолаку и поранешниот амбасадор, раководителот на Албанскиот центар за добро владеење, Арбен Чејку.