Седумгодишнина од упокојувањето на Митрополитот полошко-кумановски – г. Кирил

Митрополитот полошко-кумановски г. Кирил почина на 10 јуни 2013 година, а беше роден како Никола Поповски на 23 јуни 1934 година во Царев Двор, Ресенско. Неговите посмртни останки се погребани во манастирот „Свети Ѓорѓи“ во Дељадровце, Кумановско. Често се вели дека личностите како митрополитот Kирил не умираат, тие остануваат за навек во нашите мисли и молитви

Митрополитот г. Кирил беше еден од највлијателните владици на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и сѐ што правеше беше во интерес на македонскиот народ и држава. Тој беше последниот потписник на историската одлука за возобновување на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија во 1967 година, како и еден од столбовите на опстојувањето на МПЦ-ОА во изминатите децении.

Како митрополит на канадско-американската епархија и австралиската епархија, тој го учеше својот народ да не ги заборава своите македонски корени, својата самобитност и својот мајчини јазик. Меѓу македонската дијаспора, владиката Кирил ќе остане запаметен како македонски црковен и национален симбол. Со неговото заминување македонскиот народ загуби не само црковен деец и одлучен борец на православната вера, туку и човек кој целосно беше посветен на македонската кауза.

Во монографското дело насловено како „Митрополитот Кирил”, издание на Полошко – кумановската епархија и на Издавачката куќа „Македонска  искра”, од Скопје, отпечатена во 2007, на 342 страници, на македонски и на англиски јазик, на авторот на овие редови, Славе Кати, се вели дека митрополитот Кирил (Никола Поповски) е роден на 23 јуни 1934 година во Царев Двор, место кое е ни село ни град.

Царев Двор е едно од најголемите и најубавите населби во Преспа. Тоа е распослано во рамничарската питомина на Преспанското Поле, близу до синото Преспанското Езеро, во најубавиот дел на Преспа. Царев Двор е тесно поврзано со Дрмени со новоизградените куќи покрај патот и заедно прават најголема населба во Преспа после Ресен.

Инаку, покрај митрополитот Кирил, од Царев Двор потекнуваат: Цветко Узунов – Абас (1916 – 1994), револуционер, генерал, член на Президиумот и на Првото заседание на АСНОМ, а Цветко Узунов, заедно со  Вангел Темовски и Алексо Стефковски биле учесници во Граѓанската војна во Шпанија; Живко Стефановски, првоборец; проф. д-р Христо Поповски; познатиот новинар Панде Поповски, Гога Прцуловски, Гоце Андоновски, Васил Василевски и многу други. Затоа со право се вели дека Царев Двор е револуционерно село во Преспа. Во НОБ животите ги дале Живко Андоновски и Мите Прцуловски. Денес во селото постои спомен – биста на народниот херој Јосиф Јосифовски – Свештарот.

Митрополитот Кирил заршил основно образование во родното Царев Двор, а Богословија во Призрен. На Благовештение, 7 април 1964 година, Никола се замонашува во манастирот „Раѓање на Пресвета Богородица” кај Кичево, и со радост го примил името на св. Кирил Солунски. Притоа, од страна на Неговото блаженство, архиепископот господин господин Доситеј, е ракоположен во чин ероѓакон, а само по кратко време и унапреден во архиѓаконски чин.

Во тоа својство пролетта 1965 година, младиот архиѓакон Кирил го придружува архиепископот господин господин Доситеј при посетата на САД и Канада, каде асистира при евангелисувањето на првата македонска црква во Торонто, на празникот Цветници, посветена на свети Климент Охридски.

По враќањето од САД и Канада, архиѓаконот Кирил е испратен на студии во Русија на Московската духовна академија во градот Загорск, со благослов на српскиот патријарх Герман. Меѓутоа, по две години студирање, односно по завршувањето на првиот степен, е повикан да се врати во татковината, поради повозвишени црковно-духовни и национални интереси на Македонската православна црква-Охридска архиепископија и македонскиот народ.

На 5 јули 1967 година е избран за викарен епископ со титула тивериополски од страна на Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА и станува негов најмлад член. По унапредувањето во чин архимандрит, на 11 јули истата година, во предвечерието на празникот посветен во чест и слава на апостолите свети Петар и свети Павле, е извршено наречението во епископски чин, а утредента, на самиот ден Петровден, ќе биде хиротонисан за викарен епископ тивериополски.

2.2.7
Црквата „Свети Никола“ во Царев Двор

Како член на Синодот, веднаш се вклучува во довршувањето на обемниот елаборат за обнова на автокефалноста на Охридската архиепископија. Пет дена подоцна (на 17 јули 1967 година) Светиот архијерејски синод  на МПЦ-ОА одржа седница во црквата „Света Богородица Перивлепта” во Охрид, на која беше донесена историската Одлука за целосно возобновување на автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква-Охридска архиепископија. По потпишувањето од страна на сите членови на Синодот: архиепископот господин господин Доситеј и митрополитите: господин Климент, господин Наум, господин Методиј и господин Кирил, истиот ден беше презентирана одлуката пред членовите на Третиот црковно-народен собор, што се одржа во катедралниот храм на охридските архиепископи „Света Софија”.

На овој Собор господин Кирил е избран за прв надлежен архијереј на штотуку востановената Американско-канадско-австралиска македон­ска православна епархија, со која ќе раководи повеќе од две децении. Зема учество во повеќе делегации на МПЦ-ОА за запознавање на сестринските цркви со обновата на автокефалноста на Црквата на македонскиот народ, преку претставување на опширниот елаборат. Истовремено ја извршува и функцијата претседател на Комисијата за враќање на отуѓените македонски богослови од богословиите на СПЦ.

Во 1968 година ја реализира првата посета на северноамерикан­скиот континент како надлежен архијереј на Американско-канадско-австралиската македонска православна епархија. За време на едномесечниот престој во САД и Канада, го освети третиот македонски православен храм на американските простори, црквата „Свети Ѓорѓи” во градот Сираќуз, во државата Њујорк, а посети и други градови во кои го отвори и поттикна процесот за формирање нови македонски православни црковни општини и за изградба на нови цркви под јурисдикција на Светоклиментовата МПЦ-ОА.

Митрополитот господин Кирил во текот на наредните повеќе од две децении ќе одигра голема духовно национална улога, оттргнувајќи десетици илјади Македонци од српските, грчките, бугарските и други цркви, со цел да доаѓаат во македонските православни храмови. На тој начин е спречена натамошната асимилација и денационализација на македонскиот православен народ на тие американски простори. Тој беше добродојден во сите македонски асоцијации, македонски домови, особено во македонските православни цркви на северноамериканскиот континент, во кои, тој има голем удел за формирањето на тие македонски црковно-национални храмови за генерациите.

По враќањето од  САД врши интензивни подготовки за реализација на првата посета на Македонците во Австралија. Притоа, со одбран тим на свои најблиски соработници ги изработува првата епархиска конституција со експозе и новите правилници, со кои македонските црковни општини ќе се усогласат со светите канони и новиот Устав на МПЦ-ОА. Според нивното слово ќе бидат формирани и раководени новоизградените македонски православни цркви. Првата канонска посета на Австралија ја изврши во почетокот на 1969 година, заедно со митрополитот дебарско-кичевски господин Методиј.

По враќањето од Австралија, врши обемни подготовки за посета на Канада и САД. Во канадската метропола Торонто, каде македонската етничка заедница е најбројна, заедно со ѓаконот Александар Цандовски ќе им биде нивното седиште и тука се преземени темелни потфати за формирање на првите органи и тела на Американско-канадско-австралиската македонска епархија.

2.2.8
„Свети Климент Охридски“ во Торонто

На 10 август 1969 година, во катедралниот храм „Свети Климент Охридски Чудотворец” – во Торонто, со величествени свечености е извршено неговото востоличување во епископскиот Светиклиментов трон на Американско-канадско-австралиската македонска православна епархија од страна на Неговото високопреосвештенство митрополитот дебарско-кичевски г. Методиј. Кога во 1971 година, ќе биде востановена и Полошко-кумановската епархија, митрополитот Кирил ќе биде избран за нејзин администратор со сите права и должности кои произлегуваат од Уставот на МПЦ-ОА.

Неговото архипастирствување со оваа Епархија е крунисано со најголем успех преку возвеличувањето на Шар Планина, со изградбата на манастирот посветен на „Свети Наум Охридски Чудотворец”, на надморска височина од околу 1.000 метри. Овој македонски храм е и чувар на македонската вистина на тие планиски простори во северно-западниот дел на Македонија.

Под неговото архипастирско раководство во двете епархии ќе бидат изградени, реновирани и преуредени преку стотина храмови на МПЦ-ОА. Меѓутоа, црковно-духовните и националните постигања, особено на планот на обединувањето на Македонците, од сите делови на етничка Македонија, кои живеат и работат во прекуокеанските земји, се од непроценливо значење. Сите тие резултати ќе придонесат господин Кирил во 1972 година да биде поставен за претседател на Одборот за изградба на Соборниот архиепископски храм „Свети Климент Охридски” во Скопје, изградба на 25 станови во Тетово и Куманово и за претседател на Одборот за извршување на првото мироварение по возобновувањето на автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија.

Од 1996 година митрополитот Кирил ќе ја врши функцијата претседател на Хуманитарната организација „Милосрдие” при МПЦ-ОА, која за негово време имаше обезбедено храна, лекови, медицински помагала, разни апарати и друга помош во вредност од десетина милиони евра. Помошта се распределува на најбедните, гладните, изнемоштените, на селски и други помали амбуланти, деловни центри и асоцијации во Република Македонија на кои им е најпотребна. „Милосрдие” најголемиот хуманитарен дострел го потврди во војната во Република Македонија 2001-2002 година, кога помошта за загрозеното население  значеше елементарен опстанок.

2.2.9
Црквата „Свети Ѓорѓија“ во Дељадровце

Извонредните резултати ќе го поттикнат третиот поглавар на автокефалната Македонска православна црква, архиепископот охридски и македонски господин господин Гаврил, во една пригода на авторот на овој текст да му изјави дека „… она што го работи владиката Кирил е света работа”. Тоа ќе го потврди и четвртиот поглавар на МПЦ-ОА, архиепископот охридски и македонски господин господин Михаил.

Митрополитот господин Кирил целиот свој живот го посвети на духовно – црковното, националното, културното, односно на сестраното единство на македонскиот народ во татковината, и во дијаспората. Американските, канадските и австралиските власти, следејќи ги и согледувајќи ги големите успеси на нашите сонародници, предводени од нивниот митрополит г. Кирил, кој заедно со своето свештенство, секогаш ги ориентираше како Македонци да бидат лојални граѓани на тие држави, уште повеќе ќе ги удостојат со признанија и почит, а  ќе ги засакаат и ќе ги возвишат Македонците.

Тоа ќе биде потврдено и со прогласувањето на митрополитот г. Кирил за почесен граѓанин на повеќе градови во САД, Канада и Австралија, што е извршено со одлука на тамошните градски совети и нивните градоначалници.

Митрополитот Кирил како надлежен на Полошко-кумановската епархија почина на 79-годишна возраст на 10 јуни 2013 година. Тој си отиде без најава, без да рече збогум. Притоа, поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, архиепископот Стефан, пред државниот врв, свештенството и верниците се збогуваше од упокоениот митрополит Кирил.

Владиката Кирил, по негова желба оставена кај авторот на овие редови како негов биограф, беше погребан во манастирот „Свети Ѓорѓи” во кумановското село Дељадровце. По неговата смрт со Полошко-кумановската епархија управуваа архиепископот Стефан, со помош на епископот Јосиф Лешочки.

Почитуваниот митрополит Кирил беше еден од поборниците и подржувачите на првото одржување на средбите „Во чест на свети Кирил“ во Рим. Тој беше и последниот жив митрополит што присуствувал на собирот на македонските архијереи во 1967 година, кога е возобновена автономијата на Македонската православна црква-Охридска архиепископија.

1Kat
Пишува: СЛАВЕ К

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *