ПОТЕРА ПО АРГОНАУТИТЕ И НИВНОТО ВРАЌАЊЕ – ДЕЛ I

Кога Јасон и Медеја дошле на бродот, Аргонаутите се собрале околу нив за да го видат златното руно и биле воодушевени од успехот.

Во палатата на кралот Ејет свештениците дигнале узбуна поради кражбата на златното руно и бегството на Медеја со Аргонаутите. Кралот го обземал страшен бес и ги повикал сите Колхиѓани да излезат на брегот на морето. Веднаш наредил да се подготви експедиција за потера и им за заканил со смртна казна ако не ги стигнат Аргонаутите на отворено море и ако не ја ватат и Медеја и златното руно. Колхиѓаните подготвиле боен брод со 50 весла и на чело со кралскиот син Асприт тргнеле во потера.

„Арго“ веќе бил далеку и на морската шир немало ниту трага од него. Три дена и три ноќи пловеле по Црното Море во правец на заоѓање на сонцето и, најпосле, во далечините се укажале бреговите на Скитија на Балканот. Аргонаутите одлучиле да пловат спротивно од течението на реката Истра (Дунав) и пота преку една од нејзините притоки да се спуштат во Јадранското Море. Овој предлог го дал Херакле кој го познавал средното течение на Дунав, а него го поддржале Бореидите и останатите потомци на Хиперборејците кои сакала да си ја видат својата прататковина. Овој дел од спевот на  Аполониј Родњанинот1 е важен за запознавање на античкото минато на нашите краеви кои се поврзани со опишаната пловидба на Аргонаутите на Дунав и Сава.

1  Apolonius, Rhodius, Argonautica,  ex rec, IV, 212-502, R. Fr. Brunckii, I-II Lipsiae, 1810-1813

Кога Ејетовиот син Асприт со својот воен брод го стигнал „Арго“ пред устието на Дунав, Медеја се послужила со итрина. Преку еден гласник му јавила дека насилно е одведена во Артемидиниот храм и го замолила да ја ослободи и да го земе руното. Кога Асприт ноќта дошол во храмот, Јасон го следел и од заседа молчеливо го убил, а потоа му ги пресекол рацете и нозете, три пати лизнал од неговата крв за да го оневозможи неговиот дух и натаму да го прогонува.

За да ги задржат своите прогонувачи, Аргонаутите фрлале дел по дел од телото на Асприт во морето и додека Колхиѓаните го собирале неговото распарчено тело, Аргонаутите по Дунав отпловиле далеку и ù избегале на потерата. Местото на кое Асприт е погребан од неговите земјаци е наречено Томи – отсечено парче и тоа е сегашна Констанца во Романија.

2.2.4

Пловидбата на Аргонаутите по Дунав

Аргонаутите долго пловеле по големата река додека, најпосле, не дошле до Дунавските водопади – Катаракти и Хераклевите столбови. Бидејќи не можеле да ја совладаат „Океановата струја“, тие бродот го довлечкале на копно, а потоа пловеле до Герионовото острово Еритија. Тука се истовариле за да се одморат и да се снабдат со потребштини за натамошната пловидба. Херакле ја искористил приликата да им ги раскаже своите доживувања при кражбата на Герионовите говеда.

После одморот, „Арго“ ја продолжил својата пловидба спротивно од течението на реката и стигнал до Тартар (Ѓердап). Како народно сеќавање на престојот на Јасон на овие простори, останал хидронимот на реката Иесе-Инита, лева притока на Дунав. Нејзината етимологија потекнува од зборот ’иесис’ или ’иасис’, што значи лечење и асоцира на името на водачот на Аргонаутите, Јасон. Нешто понатаму, спротивно од течението на реката кај Лепенскиот Вир, Аргонаутите стигнале до уште една лева притока на Дунав, со хидронимот Сирина.

Во митологијата, Сирените се убави девојки, подоцна демонски суштества, кои со својата песна ги стопираат ветровите-кошава, ги смируваат водите и ги маѓепсуваат морнарите кои тука поминуваат, терајќи ги во бродолом и смрт. Тие биле ќерки на Форк, а божицата Афродите ги претворила во птици затоа што, поради својата младешка гордост, не сакале да им се покорат ниту на боговите, ниту на луѓето. Сирените не можеле да летаат откако Музите ги победиле на музички натпревар, им ги искубале пердувите и од истите себе си направиле венци, па затоа седеле крај реките и пееле на брегот меѓу купиштата коски што останале зад морнарите настраданите во бродоломи.

За успешно да поминат крај Сирените, а при тоа сепак да не ја слушнат нивната песна која маѓепсува, Јасон им наредил на морнарите него цврсто да го заврзат на поглемата катарка на бродот, а сите тие самите да си ги затворат ушите. Кога Арго им се приближил на Сирените, водата на Дунав се смирила и Јасон слушнал како тие го довикуваат со својата волшебна песна. Тој сакал да им тргне во пресрет, но Аргонаутите уште посилно го врзале и побргу завеслале спротивно од течението на реката. Народното сеќавање на легендата за Сирените и Јасон сочувано е во хидронимот на оваа река.

Орфеевата помош била многу важна во текот на целиот поход. Со неговите песни и музика Аргонаутие пребродиле многу тешкотии и им побегнале на Сирените. Освен тоа, Орфеј ги смирувал страшните морски бури, па, дури, и змејот што го чувал златното руно и затоа бил многу ценет и почитуван од целиот екипаж, но најмногу од Јасон.

2.2.5

Орфеј во подземното царство на Сига  

Кога „Арго“ пристигнал до десната притока на Дунав, реката Стига (Морава), Орфеј го замолил Јасон и своите другари да му дозволат да се симне во Подземниот свет и на светлината на денот да ја изведе својата сакана сопруга Евридика која многу брзо по свадбата умрела. Кога Евридика со своите другарки-музите Пиериди од Македонија берела пролетно цвеќе во зелената долина на падините на Олимп во Пиерија, за ногата ја каснала змија-отровница. На Евридикиниот врисок , од сите страни дотрчале нејзините другарки, но таа им паднала в раце и потоа ги затворила очите и умрела.

Орфеј, кој тогаш бил крал на Македонија и Тракија, не можел да ја преболи смртта на саканата жена и поради тоа сакал да ја искористи приликата за да ја врати меѓу живите. Тој долго стоел на брегот на Стига и го чекал Хароновиот чамец, кој што ги превезувал душите на мртвите во Подземниот свет, и тој, најпосле, му се приближил. Харон пристигнал до брегот и Орфеј го замолил заедно со душите на мртвите да го превезе до Хадовото царство, но суровиот Харон го одбил.

Тогаш, Орфеј започнал да свири на жиците од својата златна лира, која била подарок од богот Аполон, и по бреговите на Стига се разлеала неговата тажна песна. Харон бил маѓепсан, па го примил славниот пејач и чамецот запловил преку пештерите на Хомољските планини во царството на богот Хад, додека, пак, душите на мртвите, на звукот на лирата, се собрале околу Орфеј.

Орфеевата  песна го скротила страшниот пес Кербер, а запаленото тркало кое што се вртело заедно со распнатиот крал на Лапит (Лапово), Иксион, чиј грев бил што ја посакал Херината љубов, престанало да се врти. Сизиф, Еоловиот син, кого боговите го казниле во Хад да турка огромна карпа на една височинка, а кога ќе стигне до врвот, повторно да се стркала надолу, целиот во пот и прашина седнал на каменот. Тантал, кралот на Лидија, кој во Хад бил испратен поради злоупотреба на наклонетоста на боговите, а кој бил казнет да трпи вечна глад и жед, заборавил на своите маки. Орфеевата песна ги разнежила дури и строгите судии на мртвите: Миној, Радамант и Еак.

Продолжува

1Dshko   1Kat

Пишуваат: АКАДЕМИК А. ШКОКЉЕВ-ДОНЧО И СЛАВЕ КАТИН 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *