Нацрт буџетот на ЕУ за идните седум години предвидува 12,6 милијарди евра за проширувањето

Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, ја презентираше последната верзија на неговиот предлог буџет за периодот 2021-2027, повеќето ставки се намалени, но за претпристапниот инструмент сликата е малку покомплексна, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Во пресрет на самитот на ЕУ идната недела на кој лидерите треба да постигнат значаен напредок во преговорите за седумгодишниот буџет на Унијата, Шарл Мишел, чија улога е да го изгради крајниот компромис, денеска предложи буџет за 20 милијарди евра помал од тоа што беше понудено во февруари – од 1094 милијарди на 1074 милијарди евра.

Во однос на земјите од проширувањето пак, за претпристапниот инструмент Мишел предлага 12,565 милијарди евра. Претпистапниот инструмент, или ИПА 3 за периодот 2021-2027, се фондовите на ЕУ посветени на земјите од западниот Балкан и Турција за нивниот пат кон полноправно членство.

Оваа сума што ја предлага Европскиот Совет во пресрет на самитот претставува зголемување во споредба со тоа што Мишел го понуди во февруари, на почетокот на преговорите. Тогаш, предлогот изнесуваше 11,4 милијарди евра, значително намалување и во однос на предлогот на Европската Комисија од 2018, но и значително намалување во однос на претходниот седумгодишен буџет на Унијата, која ИПА фондовите изнесуваа 13,2 милијарди евра.

Во меѓувреме, во текот на мај, Европската комисија излезе со ревидиран предлог во однос на оној од 2018, и оцени дека ИПА фондовите треба да достигнат 12,9 милијарди евра.

Се чини дека повикот на Европската комисија допрел до Мишел, но сепак со мало намалување. Сега Советот предлага ИПА 3 да изнесува околу 300 милиони евра помалку од тоа што го предложи Европската Комисија, од 12,9 на 12,565 милијарди евра. Истовремено новиот предлог на Европскиот Совет претставува и зголемување во однос на февруарскиот предлог од 1,2 милијарди евра.

Лидерите на земјите членки ќе се сретнат на 17 јули во Брисел, за прв пат физички после пет месеци. Претпристапните фондови не се најконтроверзната тема, и фокусот на лидерите ќе биде на бројни други буџетски ставки, така што не се очекува голема разлика во конечниот компромис.

Кога ќе биде постигнат овој конечен компромис е пак исто така огромна непозната. Ставовите на 27 членки на ЕУ остануваат дијаметрално спротивставени помеѓу „четирите скромни“, Холандија, Шведска, Финска, Данска и јужните земји, со поддршка на Германија и Франција.

Буџетскиот предлог на Мишел е веќе мета на критики во Брисел денеска, многумина сметаат дека претставува голема отстапка кон четирите скромни земји во време кога Европската Унија се соочува со најдлабоката рецесија во својата историја.

 

One thought on “Нацрт буџетот на ЕУ за идните седум години предвидува 12,6 милијарди евра за проширувањето

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *