Мицковски: Одзивот на гласањето можеби нема да биде висок како порано, но ќе биде кредибилен за идна Влада

Одзивот на гласањето на 15 јули можеби нема да биде како на претходни избори кога се движел над 65 проценти, но ќе биде доволен за да бидат кредибилни изборите, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски при денешната средба со прилепските стопанственици, каде партијата и коалицијата „Обнова за Македонија“ ја претстави својата изборна програма.

-Ценам дека одзивот на денот на гласањето ќе биде помал од вообичаеното, но не очекувам дека ќе се реализираат предвидувањата дека ќе биде 40 или 45 проценти. Сметам дека ќе биде повеќе од тоа. Можеби нема да стигнеме до бројката од 65 до 67 проценти одзив како порано, но ценам дека ќе биде кредибилна за идната влада која ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ веднаш, уште од првиот ден ќе може да се зафати со структурни реформи и излез од моменталната ситуација во која се наоѓаме, рече Мицкоски.

Мицкоски изјави дека на средбата со прилепските стопанственици ја претставиле читанката на ВМРО-ДПМНЕ насловена „Проект – Обнова“со фокус на економската понуда. Според Мицкоски, главен акцент е на изградбата на патот Скопје-Прилеп-Битола-Меџитлија.

-Претставниците на компаниите од регионот ни ги презентираа нивните гледишта, анализиравме дел од политиките и предлозите кои ВМРО-ДПМНЕ ги предлага во оваа изборна програма кои ќе ќе бидат дел од програмата на Владата. Првенствено го споменавме автопатот кој би се изградил од Скопје преку Прилеп, Битола до Меџитлија, до границата со нашиот јужен сосед, дамнешна желба на жителите од пелагонискиот крај, на прилепчани. Цениме дека овој инфраструктурен проект многу ќе ги подобри квалитетот на животот, комуникацијата и условите на бизнис заедницата од регионот. Зборувавме за политиките во земјоделството со акцент на тутунот и на тутунопроизводителите, за реформите во образованието, во администрацијата, за дигитализацијата, за фискалната политика, за пандемијата и кои се мерките и како ќе излеземе. Средбата беше корисна. Ние можевме да се презентираме и имавме интерактивност со стопанствениците, изјави Мицкоски.

Ирена Јакимоска, претседател на прилепската регионална стопанска комора потенцира дека за време на корона кризата досега компаниите не отпуштија многу работници. На стопанствениците, како што рече, најбитна им е инфраструктурата.

-Може да кажеме дека во Прилеп и во регионот засега нема големи отпуштања на работниците поради корона кризата и прилепските компании врз основа на сопствените ресурси успеваат да се носат со кризата. Но, заедничкиот став на пелагонискиот регион е дека која и да е партија, која ќе формира Влада, клучно и единствено прашање за новата администрација ќе биде инфраструктурата. Без неа, немаме темели за другите планови. Не само поради протокот на стоки и услуги, туку и за заштита на животите на луѓето, рече Јакимоска.

 

One thought on “Мицковски: Одзивот на гласањето можеби нема да биде висок како порано, но ќе биде кредибилен за идна Влада

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *