Писмена реакција за промена на имињата на аеродромот и автопатот

Почитувани,

 

Во врска со одлуката за преименување на автопатот на Коридорот 10 и аеродромот во Скопје, донесена од Владата на седница минатата недела, а сега објавена во „Службен весник“, со чие стапување на сила се брише досегашното нивно име „Александар Велики“, Претседателот на Македонска Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува следната реакција:

 

Македонската Алијанса ја смета оваа скандалозна одлука за приватен чин на Зоран Заев и Никола Димитров. Преименувањата се автогол за сервилната надворешна политика на актуелната Влада. Доста беше од исполнување на уцените на Грчките националисти. Бадијала се понижуваме, бидејќи барањата и условите на нашиот јужен сосед секојдневно растат. Лидерот на Грчката опозициска „Нова Демократија“, Кирјакос Мицотакис, кој на сите нивни анкети ужива највисок рејтинг, ги оцени за „симболични“ преименувањето и остро го критикуваше Алексис Ципрас во врска со преговорите за името. Едноставно, Македонија не доби ништо за возврат. Напротив, Грчката позиција и опозиција се единствени во ултиматумот за промена на Уставното име и прифаќање на нов идентитет. Во спротивно за Македонија нема ниту ЕУ ниту НАТО.

 

Владината коалиција нема мандат за одлуки кои ги загрозуваат или ги доведуваат во прашање националните интереси. Аеродромот и автопатот се јавни добра кои им припаѓаат на Македонските граѓани. Тоа што актуелната Влада времено управува со нив, не значи дека има стекнато право да ги преименува по Грчки терк. Не може едно да се зборува во опозиција, друго да се прави на власт. СДСМ во 2012 се противеше на промена на имињата на улиците во главниот Град и бараше Скопјани да одлучат за тоа на референдум. Денес, за преименување на капитални инфраструктурни објекти на централно ниво ни на крај памет не им да го прашаат народот!

 

ВРЕМЕ Е МАКЕДОНСКИОТ НАРОД ДА СЕ ИЗЈАСНИ! БАРАМЕ РЕФЕРЕНДУМ!

 

Уште еднаш повикуваме да се формира Државната Изборна Комисија без понатамошно одлагање. Бараме нови правила кои ќе гарантираат дека идниот состав на оваа институција ќе работи исклучиво по слово на закон, а не по партиски диктат. Најодговорните политички актери да не се лажат дека можат да протуркаат велепредавство на мала врата. За светото Македонско име и идентитет животот го положија многу Македонските херои. Македонскиот народ на референдум да одлучи дали преговорите за името треба да се прекинат или да се прифати обезличување преку промена на Уставното име и прифаќање на нов идентитет.

 

Ние знаеме како треба да се брани Татковината и иднината на Македонскиот народ. Доколку актуелната власт не знае или нема храброст, нека си замине веднаш!

 

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

Претседател, 

Ѓорѓија Џорџ Атанасоски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *