Транспаренси Интернешнел Македонија денеска соопшти дека до Основното јавно обвинителство во Скопје поднело кривична пријава во врска со незаконските исплати од Агенцијата за филм.
Кривичната пријава е поднесенa против вршителот на должност Директор на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба, казниво по член 353 став 1 и 5 од Кривичниот законик, а во врска со член 34 од Законот за филмската дејност.
Информациите за овој настан, како што соопшти организацијата, се обезбедени преку медиумите, а како прилог до Јавното обвинителство се доставени електронски и отпечатени верзии на извештајот од истражувачко новинарство објавен од Радио МОФ на 25.06.2020, како и извештајот објавен на порталот Сакам да Кажам објавен на 26.06.2020 година.
Кривичната пријава е поднесена од Транспаренси Интернешнел Македонија заради тоа што не добивме впечаток дека Јавното обвинителство ќе го преиспита овој случај по допрен глас, а во објавените новинарски текстови се содржани доволно информации од кои може да се согледаат незаконските дејствија на пријавениот, а објавен е и доказен материјал кој секако претставува јавна информација и не би ја загрозил идната истрага, се наведува во соопштението од Транспаренси интернешнел Македонија.
Истовремено организацијата ја повикува и Владата да преземе мерки во нејзина надлежност за да се спречи незаконско одлевање на средства од буџетот на државата.
-Во дополнение, потсетуваме на досегашната (лоша) практика на Јавното обвинителство да ги отфрла сите кривични пријави кои се однесуваат на трошење пари од буџетот во случаите кога парите иако незаконски, сепак се потрошени за намената (Случајот на Зоран Ставрески за кој слушнавме и во првата „бомба“ објавена во февруари 2015 година), се посочува во соопштението.
На овој начин, како што се посочува, се воведува правилото на неказнивост и недопирливост од правдата и се поттикнува своеволното и коруптивно однесување од поединци, кои иако од политиката се назначени на функциите треба работат во полза на јавниот интерес и да не бидат недопирливи за законот.
-Го повикуваме обвинителството за овој случај веднаш да поведе постапка за утврдување на одговорност за сторено кривично дело како и да започне соодветна финансиска истрага и да го проследи текот на парите, се наведува во соопштението од Транспаренси Интернешнел Македонија.
Во образложението доставено до медиумите, од организацијата посочуваат дека на прес-конференција оддржана на 24 јуни 2020 година, директорот за Агенцијата за филм, изјави дека филмските проекти избрани на конкурсите на Агенцијата за филм ги финансирал без банкарска гаранција, и дека тоа го сторил со примена на член од договорите склучени со филмските продуценти според кој „Агенцијата нема да ја активира банкарската гаранција, како и нема да го раскине договорот доколку продуцентот не одговара на обврските од овој договор поради причина на виша сила, односно ако исполнувањето на обврската станала невозможна поради вонреден настан кој се склучил по склучување на Договорот, а кој во времето на склучување на договорот не можел да се предвиди, ниту да се спречи, избегне или отстрани“.
Со ваквото постапување кое е во спротивност со Законот за филмската дејност и со склучените договори на Агенцијата за филм со филсмките проекти избрани на конкурсите на Агенцијата за филм, директорот на Агенцијата сторил кривично дело „Злоупотреба на службената положба“ 353 став 1 и 5 од Кривичниот законик, а делото е сторено со повреда на членот 34 од Законот за филмската дејност.
Како што пишува Транспаренси Интернешнел Македонија согласно член 34 од Законот за филмската дејност, продуцентите избрани на конкурс на Агенцијата, се стекнуваат со право да склучат договор со Агенцијата доколку достават договори со други продуценти, правни и физички лица со кои потврдуват дека ги обезбедиле во целост средствата предвидени во буџетот за реализација на филмскиот проект и банкарска гаранција во висина од 25% од износот на средствата кои се обезбедени од Агенцијата.
Во Законот за филмска дејност строго е предвидена структурата на Договор, а во овој случај пријавениот го изменил текстот на договорот, со што постапил спротивно на законот и на тој начин ја злоупотребил својата службена положба и овластување. Имено, членот 8 од Договорот во никој случај не е и не може да биде основ директорот да додели средства за нова фаза од реализација на проектот без банкарска гаранција. Тој регулира затекната состојба, во која средствата за одредена фаза од реализацијата на проектот се веќе доделени и е приложена банкарска гаранција, и тоа е сторено пред да настане некој настан кој претставува виша сила или некој вонреден настан.
На овој начин, посочуваат од Транспаренси со работа спротивна на Законот за филмската дејност и склучените договори, директорот на Агенцијата за филм доделил средства за финансирање на повеќе од 30 филсмки проекти во износ од 50.000.000,00 денари, средства кои се обезбедени во Буџетот на Република Северна Македонија.
Со преведувањето на средствата, без да биде приложена банкарска гаранција, директорот на Агенцијата за филм не ги заштитил средствата на Агенцијата, кои се буџетски средства и со тоа го оштетил Буџетот на Република Северна Македонија, се посочува во соопштението од Транспаренси Интернешнел Македонија