Преговорите за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција и натаму се во фокусот на вниманието и на грчката и на македонската јавност.
Медиумите и во двете земји даваат осврт на досега постигнатото и се обидуваат да откријат за што разговарале министрите за надворешни работи на двете земји, Никола Димитров и Никос Коѕијас во вторникот на речиси шестчасовната средба во Виена со медијаторот Метју Нимиц.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања Бујар Османи, констатирајќи придвижување во процесот, пак, повика дебатата да не се одвива преку медиумите, како во Македонија, така и во Грција, туку во рамки на преговарачкиот процес.
– Во моментот кога ќе имаме начелно некоја согласност, тогаш можеме да излеземе во јавноста и да побараме мислење од граѓаните и од другите општествени слоеви, рече Османи.
Тој потврди дека од седум точки во преговорите, три се полесни, а четири се потешки, меѓутоа, додаде, ако сега почнуваме да лицитираме, дебатираме и да испраќаме пораки, тоа е моделот за неуспех.
Грчките медиуми акцентот ставија врз изјавата на македонскиот премиер Зоран Заев за тоа дека во досегашните разговори за името биле усогласени три од седум точки.
Онлајн изданието на весникот „Ефимерида тон сидактон“ потсети дека седумте прашања во разговорите се: името, употребата на името, идентитетот, јазикот, трговската употреба, акронимите и знаците.
Во однос на името, грчките медиуми коментираат дека Атина преферира тоа да биде без превод, на македонски јазик и еден слеан збор, додека, пак, Скопје, бара да бидат два одделни збора.
Лидерот на опозициската Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, пак, со остри критики до грчката Влада за начинот на кој ги води преговорите за името.
– Владата без план и без гаранции тргна да даде сѐ, доволни и беа само два симболични потези, преименувањето на автопатот и аеродромот, вели Мицотакис и додава дека Ципрас одбрал прашањето за името да го искористи за партиски интереси.
За преговорите се огласи и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој повика за флексибилност во процесот.