Муцунски: Денешната одлука на ЕУ не значи дека земјава добила датум за почеток на преговори

Секој чекор напред кон Европската унија е за поздравување и претставува успех на голем број генерации кои во последните дваесет години се бореле за полноправно членство во ЕУ. Затоа го поздравуваме чинот на упатувањето на Предлог преговарачката рамка од Европската комисија до Европскиот Совет. Но, наведениот чин не значи дека Македонија истовремено има добиено и датум за отпочнување на преговори за членство во ЕУ, нагласи денеска Тимчо Муцунски, секретар за меѓународна политика на ВМРО-ДПМНЕ и кандидат за пратеник.

Тоа што денеска СДСМ го престави како вонреден успех, вели Муцунски, е сепак само Предлог текст за преговарачка рамка, текст кој ќе биде доставен до сите земји членки на Европската Унија и за кој тие треба да се произнесат, да дадат забелешки и на крајот со консензус да го одобрат.

– Лажна вест е фактот дека македонскиот јазик станал официјален јазик на Европската Унија. Тоа ќе се случи токму во моментот кога нашата земја ќе стане полноправна земја членка на ЕУ, истакна Муцунски, додавајќи дека овој предлог текст за преговарачката рамка не е причина за некоја голема прослава, туку само след на редовна процедура.

– Обидите да се создава еуфорија од секој минимален чекор веќе станаа фолклор. Граѓаните се сеќаваат на сите претходни ветувања на СДСМ за веќе добиен датум иако очигледно до тоа се уште не е дојдено. Овој предлог текст е причина за повеќе да се посветиме кон работата и спроведувањето на опипливи и сериозни реформи. Треба да бидеме свесни дека Македонија не случајно повторно е исправена пред нови пречки и услови. Некои се билатерални, како употребата на термините македонски јазик и македонскиот народ или историските личности и настани кои ги оспорува нашиот источен сосед. Иста е состојбата со македонското малцинство надвор од границите на Македонија, вели Муцунски.

Дополнително, додава тој, во земјава согласно извештаите на релевенатните меѓународни организации се уште постојат огромни недостатоци во владеењето на правото, правната држава, растечкиот криминал во власта и се, како што вели, поприсутната корупција, која ја евидентираат голем број земји членки на ЕУ.

– Македонија според Фридом Хаус и Економист се вбројува во земјите кои се сметаат за хибриден режим. А, токму тоа е вистинскиот проблем за напредокот кон евроинтеграцискиот пат. Заклучокот е јасен. СДСМ е меѓу главните пречки на Македонија на патот кон Европа, потенцира Муцунски.

ВМРО-ДПМНЕ, наведе тој, нуди решение за таа пречка на претстојните избори.

– Со победата на обновата ќе почне градењето на независна судска власт, неселективна борба против криминалот и економски напредок на државата. Македонија му припаѓа на европското семејство земји со кои имаме заеднички културни, историски и морални вредности, и традиции. Основната цел на македонската надворешна политика треба да биде афирмација и промоција на земјата, нејзините национални, економски, политички, културни и безбедносни интереси, како и активно учество во зачувувањето и градењето на мирот на Балканот и пошироко, вели Муцунски.

Надворешната политика, додава, ќе се потпира на начелото на силна регионална соработка, активна мултилатерална соработка, добрососедски односи и над се почитување на меѓународното право.

– Нашата континуирана цел, заложба и стратешки приоритет е интегрирањето на Македонија во ЕУ во која насока се потребни визија, реформи, тимска работа и многу силна стручна поддршка. Пристапниот процес во ЕУ ќе се заснова на државна стратегија, прифатена со широк општествен консензус, која ќе ги надмине меѓупартиски интереси, лични пазарења и популизам и ќе обезбеди долгорочно примемлив курс во евроинтегративните процеси на Македонија. Стратегијата ќе биде заснована на реалните интереси и остварливи цели на државата кои произлегуваат од актуелната геополитичка состојба, ситуацијата во регионот и економските предизвици со кои што се соочуваме, нагласи Муцунски.

Тој вели дека кадровски ќе го зајакнат и ќе ги екипираат институциите кои директно работат на европската агенда.

– Македонија и ЕУ ќе бидат партнери кои споделуваат исти вредности. На патот кон целосно членство во ЕУ, ќе го афирмираме и ќе го промовираме македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, македонската култура, како и македонското историско наследство. Затоа што богатството на Европа се состои во негувањето на различните идентитети, заклучи Муцунски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *