СЈО замина во историјата, предметите во рацете на Јавното обвинителство за организиран криминал

Новиот Закон за јавно обвинителство од вчера стапи на сила, со што и официјално згасна Специјалното јавно обвинителство.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески во интервју за МИА уверува дека Јавното обвинителство е подготвено и со целосна посветеност и залагање ќе пристапи кон примената на одредбите од новиот Закон за јавно обвинителство кој, како што посочува, содржи добра основа за современо јавно обвинителство. Предметите на Специјалното јавно обвинителство, вели Јовески, ги презема Јавното обвинителство и постапките продолжувааат со цел сторителите на кривични дела да ја добијат заслужената казна.

-Обвинителството нема да ја повтори грешката, кога заради непостапување по конкретните случаи се формира СЈО. Поради тоа, ве уверувам дека овие предмети ќе добијат завршница, нагласува државниот јавен обвинител.

Обвинителката и портпаролка на Специјалното јавно обвинителство, Ленче Ристоска, по повод последниот рaботен ден на СЈО, на социјалните мрежи напиша дека за неа СЈО било симбол за борба за идеали, за правда, интегритет, подобра иднина, борба против злоупотреби на системот, на послабите, на зависните, борба против неказнивост.

-Начинот на кој згасна СЈО, начинот на кој никој не најде храброст изречно да каже дека се укинува институцијата, мислам дека не заслужува коментар, затоа што борбата за правда е вистинска само кога е плод на внатрешен порив за одговорност, првенствено лична, па потоа на сите кои грешеле пред законите, порив за нетолеранција на неказнивост, порив за принципелно и однесување со интегритет, пишува обвинителката Ристоска.  

Законот за јавно обвинителство Собранието го донесе на 16 февруари на денот на неговото распуштање со двотретинско мнозинство. Законот не го гласаа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Според новото законско решение нелегално прислушуваните телефонски разговори повеќе нема да бидат основа за нови обвиненија ниту докази во судските постапки, туку може да се користат само како индиции за незаконски дејствија.

Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите што е и официјалниот назив на СЈО, започна со работа на 15 септември 2015 година и произлезе од Пржинскиот договор за надминување на политичката криза во земјава со објавувањето на тн „бомби“  Катица Јанева беше избрана за.Специјалната јавна обвинитела, а на нејзин предлог беа одбрани и десетина јавни обвинители кои и помагаа специјалната обвинителка. Катица Јанева го дочека крајот на СЈО во домашен притвор и со неизвршна судска пресуда од седум години затвор во случајот „рекет“ за злоупотреба на службенатра должност. Јавните обвинители пак кои беа дел од нејзиниот тим преминаа во редовното Јавно обвинителство и прдолжија да ги застапуваат предметите од СЈО пред судовите.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *