Шекеринска од Охрид: Од овде можете да ги видите контрастите, што работиме ние, а што работат тие

Од почетокот на оваа епидемија и од почетокот на оваа кампања покажавме дека ни се важни изборите, но поважни ни се граѓаните и нивното здравје, порача вечерва од Охрид носителот на листата од петтата Изборна единица од СДСМ Радмила Шекеринска.

-Не случајно почнуваме во Охрид и не случајно голем дел од кампањата ќе бидеме тука, бидејќи на многу теми кои што ни се важни како луѓе, како партија, како кандидати во Охрид, можете да ги видите контрастите на дело. Можете да видите што говориме и како работиме, можете да видите што говорат и како не работат оние другите. За 2,5 години покажавме дека можат да не критикуваат, можат да не плукаат, можат да ја лажат јавноста, но не можат да избегаат од фактот дека сме луѓе, партија и влада која решава проблеми, која не бега од нив, која не бара оправдување, истакна Шекеринска.

Пред охриѓани, Шекеринска потсети дека после долго време припадниците на Армијата добија униформи.

-Минатата недела добивме нови униформи за секој припадник на нашата армија, обезбедивме за 2,5 години, заради силната поддршка предводена од Зоран Заев, комплетно нова реалност за нашата НАТО Армија, обезбедивме 50 до 60 проценти повисоки плати за секој, обезбедивме нови чизми. Ова во ниту една демократска држава на која сакаме да личиме не би било вест, ова е нормално, ама кај нас не беше нормално оти 11 години не успеја тоа да го направат, 11 години заборавија на Армијата, рече Шекеринска.

Како носител на петтата Изборна единица, Шекеринска потсети и дека Владата предводена од СДСМ за две ипол години сработила работи кои претходната власт не успеала да ги заврши за 11 години централна власт и речиси 12 години локална власт во најголемиот дел низ општините во државата.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *