Бон Тон – по Вистината за Македонија

Во германската метропола Бон, на 15 март 1992 година, беше одржана најмасовната демонстрација на Македонците од Германија за поддршка на македонската влада за меѓународно признавање на Република Македонија, против двојната политика што ја води бонската влада со признавањето на Република Македонија, како и против грчкиот однос што го има кон Македонија и сѐ што е македонско.

Под мотото „За признавање на Македонија како држава“, во 13 часот, од центарот на Бон – „Бад Годезберг“, започна најмасовната македонска демонстрација со повеќе од 5.000 Македонци од Германија, Белгија, Холандија и од Швајцарија.

Во новинскиот извештај за демонстрацијата „Над 5.000 Македонци – за македонската вистина“, колегата Драшко Антов („Нова Македонија“, 16 март 1992 г.) забележа: „Дождот и студеното време не ги спречија Македонците од неколку градови и места во Германија и од соседните земји: Белгија, Холандија и Швајцарија, да дојдат во Бон, на зборното место во Бад Годезберг, да учествуваат на македонската демонстрација. Во 13 часот сликата беше импозантна, никогаш толку Македонци не се собрале досега на манифестација, како на оваа за поддршка за меѓународно признавање на Македонија и за заштита на името Република Македонија.

Повеќе од 5.000 луѓе со македонски знамиња, транспаренти со пароли на македонски, германски и на француски јазик, со слики на Гоце Делчев, тргнаа кон центарот на Бад Годезберг. Демонстрантите се движеа достоинствено низ бонските улици извикувајќи: ’Македонија’, ’Македонија е наша’, ’Да живее Македонија’. На германски јазик се читаа петицијата и објаснувањето зошто Македонија треба да биде признаена од Европската заедница.

Потоа, демонстрантите се упатија кон грчката амбасада и извикуваа: ’Македонија постои’, ’Македонија е македонска’, ’Засрамете се…’. По реакциите на демонстрантите можеше да се согледа дека беа многу огорчени на грчката политика кон Македонија.

1.6.0

Долгата колона на демонстранти се врати на почетното место. Притоа, беше прочитано писмото што беше испратено до канцеларот Кол, со кое се бараше признавање на Република Македонија, односно бонската влада да има ист третман како што имаше кон Хрватска и Словенија. Притоа, укажувајќи дека Македонија има своја историја, своја традиција и дека една земја членка на Европската заедница  не може да ја краде историјата на македонскиот народ. Се бараше од канцеларот сам да ги прочита светските енциклопедии и да се увери во тврдењата на македонските вистини, а не на грчките фалсификати.

Зошто Балканот да не биде културно поле за натпревар?

Потоа, се обрати и Германецот д-р Волф Ошлис, автор на првата македонска граматика на германски јазик (заедно со Вера Бојиќ). Тој укажа на постоењето на македонскиот народ и на македонскиот јазик и дека како Германец ја чувствува потребата да ја повтори големата мисла на македонскиот револуционер Гоце Делчев, ’Јас го разбирам светот како поле на културен натпревар меѓу народите’ и се запраша зошто и Балканот да не биде таков, поле за културен натпревар и соработка? Грција нема право да го негира постоењето на Македонија, зашто таа постои, таа е тука, и никој не може да ја избрише од картата на светот“.

И претседателот на здружението „Македонија“, д-р Томислав Лукаров, упати апел дека демонстрациите не се ништо друго туку „израз на Македонците за правдина, светот да чуе дека постоиме и бараме кон нас да се однесуваат како што беше случајот со Словенија и Хрватска. Македонија заслужи со сѐ да биде признаена“.

Македонската делегација во состав: Гојко Јаковлески (Берлин), Љупка Хаџи Георгиева (Хамбург), Драги Богоевски (Хановер Латцен) и Ристо Косарчев (Хановер) во Министерството за надворешни работи на Германија предадоа декларација од демонстрантите, која беше насловена: РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА НЕОДЛОЖНО И БЕЗУСЛОВНО ДА СЕ ПРИЗНАЕ КАКО НЕЗАВИСНА ДРЖАВА.

Македонскиот идентитет никој не може да го одземе.

„Во процесот на распаѓање на две комунистички империи (руската и српската) дојде до појава на нови држави што веќе добија или допрва ќе добијат поширока меѓународна афирмација и признавање. Решавањето на југословенската криза, крахот на една комунистичка и вештачка држава, е проследено со бруталност каква што модерна Европа нема видено со децении. Југославија нема ни историско, ни морално право на натамошна егзистенција. Денес пред Република Македонија се поставува најсериозно егзистенцијално прашање од шекспировски вид – да се биде или да не се биде независна држава!

Република Македонија реши да ги респектира барањата од Европа што ги постави како услов за признавање. Таа одржа референдум во септември 1991 година и мнозинството од населението што гласаше (повеќе од 95 проценти) изрази поддршка на идејата на оваа република од некогашна Федерална Југославија да тргне по патот на самостојноста. Референдумското „за“ беше најсилна потврда на сегашните права на Македонија за државност. Македонија во декември 1991 година изгласа промени на Уставот, со што јасно ја декларира својата мирољубива политика на Балканот, ја потврди непроменливоста на границите со соседите по пат на сила. Таа, исто така, ги гарантира основните национални, религиозни и културни права на сите свои граѓани.

Република Македонија би требало да ја живее својата прва година како независна држава, со оглед на фактот дека иако ги исполнува основните критериуми, што ги одреди Европската заедница, а кои се пошироко прифатени во демократскиот свет, досега само Република Бугарија официјално ја призна Македонија. Србија ќе се обиде да најде „рационални“ аргументи декларираната суверена македонска држава да остане тоа само на хартија и по секој начин да ја задржи Македонија во рамките на нова редуцирана Југославија, односно проширена Србија.

Албанија сѐ уште не се изјасни, но создадената тензија во Западна Македонија јасно зборува дека и оваа земја би сакала да добие нешто за возврат, за признавањето на независноста на Македонија, иако албанското малцинство во Македонија ужива повеќе национални права гарантирани со меѓународни акти. Грција, пак, дури се противи на употребата на името Македонија, со што бескрупулозно ѝ го одзема правото на една држава својствено за секоја цивилизирана земја, да има свој идентитет, бидејќи тоа име е дел од долгогодишната историја на овој простор, а апсурдно е да му го одрече туѓа држава“.

Барања на демонстрантите:

1. Република Македонија да се признае неодложно и безусловно со нејзиното историско и неотуѓиво име. Секое одложување на признавањето ја зголемува опасноста од нејзино анектирање од страна на Србија, односно се создаваат услови за избувнување воен конфликт на Балканот.

2. Да се повлече ЈНА од целокупниот простор на Македонија.

3. На територијата на Република Македонија да дојдат мировни сили на ООН, благовремено да се спречи секаква воена агресија од страна на Србија или просрпски пуч и да се овозможи мирен и брз премин кон целосно независен државноправен демократски живот.

1.6.1

Македонците на чело со Гојко на демонстрации

4. На овој начин би сакале да ја запознаеме меѓународната јавност дека процесот на демократизација во Македонија, навистина, ќе започне дури со конституирањето и признавањето како независна македонска држава.

5. Само независна и демократска Македонија може да биде гарант за слободите и правата на сите нејзини граѓани. Останувањето во редуцирана Југославија (како и да се именува новата држава) ќе значи србизирање на сите заедно и на секој одделно.

6. Со оглед на фактот дека македонското прашање е интернационално, а не југословенско, бараме од органите на Европската заедница, а во интерес на мирот на Балканот, во Македонија да испрати непристрасно тело што ќе направи објективна политичка анализа за сегашните и потенцијалните конфликти, а со цел да се решат и да се одбегне трагедија од пошироки (балкански) димензии.

7. На крајот им упатуваме молба на сите земји од Европската заедница и пошироко што добиле службено барање од Македонија за нејзино признавање, писмено да нѐ известат зошто тоа не е сторено досега, кои се причините за одложување на признавањето на државноста на Македонија?

Со срце за Македонија

На крајот на 1989 година граѓаните на Европа со будно око ги следеа настаните што беа предизвикани со уривањето на Берлинскиот ѕид и обединувањето на двете Германии, букурешките настани и другите случувања во Источниот блок на Европа. Македонците, пак, внимателно ги следеа случувањата, односно несогласувањата во партискиот и државниот врв на заедничката југословенска федеративна држава (СФРЈ). Настаните го најавуваа крајот на 45-годишното опстојување на федерацијата, се насетуваше распадот.

Македонците, пак, тука ја гледаа шансата да ги остварат вековните желби и идеали на многу генерации пред нив, Македонија да стане самостојна, суверена и независна држава. Но за да ја искористат шансата со распадот на СФРЈ, потребни беа и големи активности на македонските здруженија, партии во дијаспората и во Македонија. Македонските патриоти тајно беа убедени дека брзо ќе дојде денот кога ќе чукне часот и за Македонија, која со столетија беше напатена, окупирана, ограбувана, палена, парчосувана, делена…, конечно да го добие заслуженото, да стане самостојна и суверена држава, а македонските граѓани „да бидат свои на своето!“

Продолжува

 B3

Пишува: СЛАВЕ  КАТИН

One thought on “Бон Тон – по Вистината за Македонија

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *