Мицкоски: Партијата едногласно одлучи дека ќе учествува на изборите на 15 јули

ВМРО-ДПМНЕ вечерва на седницата на Централниот комитет донесе едногласна одлука дека ќе учествува на изборите на 15 јули.

Како што соопшти партискиот лидер, Христијан Мицкоски по седницата, ВМРО-ДПМНЕ очекува Талат Џафери да ги закаже изборите.

Од пред Централниот штаб истакна дека договорот околу датумот се одолговлекувал зашто не можел да прифати избори кои ќе значеле газење по човечки животи и по здравјето на граѓаните. Во овој период се водел од заштитата на здравјето и волјата на граѓаните. Двата услови/принципи од СДСМ се прифатени – да има протоколки за заштита на ранливите категории граѓани, тие да гласаат од дома, правила кои, рече, досега не биле прифатени, како и присуство на Мисија на ОБСЕ/ОДИХР.

-Ова е тест без поправен испит, победа на доброто над злото, победа на правдата над неправдата, на вистината над лагата, имаме економско фијаксо, капитулација во здравстениот систем, а стратегиските интереси не се остварени. Ова е точка од која нема враќање, иднината на Македонија е во ваши раце, им порача Мицкоски на граѓаните, додавајќи дека следува обнова.

Мицкоски нагласи и дека очекува кампања во која партиите ќе ги покажат разликите, кој навистина нуди стратегија и визија, а кој не нуди ништо. -Изминативе три години сме сведоци на Влада која многу ветуваше, но освен пораз, срам, дебакл, криминал, корупција, неправди, не понуди ништо, рече Мицкоски.

Одговрајќи на новинарски прашања тој рече дека е можно намалување на излезноста пради Ковид-19.

Тој ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање.

Мицкоски попладнево и на својот фејсбук профил потврди дека ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на изборите на 15 јули, откако претходно лидерот на СДСМ Зоран Заев на прес-конференција соопшти дека постигнале договор околу датумот. Од претседателот на државата Стево Пендаровски ќе биде побарана нова вонредна состојба само за изборите кои, според договореното, треба да се одржат на 15 јули, среда, што ќе биде неработен ден за сите граѓани. Молкот би почнал на 12 јули на полноќ. Гласањето на изборниот ден, 15 јули, би траело од 7 часот наутро до 21 часот вечерта. На 13 и 14 јули би гласале болните, изнемоштените и оние кои се позитивни на коронавирусот или се наоѓаат во карантин или самоизолација.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *