ВМРО-ДПМНЕ во контакт со СДСМ за изборите, опозицијата очекува одговор од владејачката партија

ВМРО-ДПМНЕ како сериозна партија секогаш имала и одржувала линкови за комуникација со сите други релевантни партии, одговори Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ на новинарското прашање дали неговата партија е во контакт со СДСМ во однос на напорите да се договори датумот за изборите, кои откако заврши вонредната состојба, согласно Уставот и законите треба да бидат на 5 јули.

-Ние ги кажавме нашите услови, соодветно им се пренесени, очекуваме СДСМ да ја превземе одговорноста и да се обрати до нас, да не извести дали прифаќаат фер, демократски, меѓународно признати, легитимни избори, со намален здравствен ризик и здравствени протоколи и да се соочиме пред граѓаните на 15 јули, одговори Милошоски.

Во однос на тоа дали партијата има нови услови, освен оние два кои вчера ги соопшти нејзиниот претседател Христијан Мицкоски – соодветни здравствени протоколи и навремено востпоставување на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, Милошоски со одговор дека ВМРО-ДПМНЕ поставила услови кои што се меѓународно признати стандарди и почитувањето на тие услови ќе доведе до датумот на избори.

-Првиот наш услов е добри здравствени протоколи и посериозна борба против пандемијата и во ова време и особено во време на евентуално идна кампања и за време на гласање, и вториот услов е меѓународниот и европски стандард на мониторинг мисија од страна на ОБСЕ и нејзино воспоставување во Република Македонија. Оној ден кога ОБСЕ ќе стигне во Македонија со својата мисија, следниот ден може да ја почнеме изборната кампања која што трае три недели и ќе стигнеме така до самиот датум на изборите за кој што не сакаме да се одржат без мисија на ОБСЕ затоа што би биле изборен грабеж и поткуп на фамилијата Заеви со тие пакети кои што ги разнесуваат по посиромашните семејства. Затоа сакаме да имаме избори кои што ќе ги запазат здравствените протоколи и меѓународните стандарди на ОБСЕ и ОДИХР, рече Милошоски.

Во врска со тоа што подразбира под здравствени протоколи, тој рече дека Државната изборна комисија најдобро знае во какви канцеларии, општински згради или помали месни заедници се гласа како гласачки места на кои што се гласало досега.

-За жал во некои од тие места нема простор ниту за самите членови на избирачкиот одбор, а камо ли за уште 15 набљудувачи на листите кои што се поднесени од разни политички партии. Затоа сметаме дека треба да се седне со ДИК и комисијата која што ја предводи Караџовски како доктор да не политизира премногу, туку да седне и да се запознае со условите на ДИК и да обезбеди услови за пристојно гласање со намален здравствен ризик за секого. Затоа цениме дека треба оваа работа да се сфати многу посериозно од една изјава на Филипче или Караџовски на прес конференција, рече Милошоски.