Невреме со врнежи од град го зафати Пијанечко-малешевскиот регион

Невреме со врнежи од град денеска попладне го зафати Пијанечко-малешевскиот регион. Најзабележителна оваа појава беше во атарот на делчевското село Габрово.

Блаже Митевски, жител на селото вели дека градот оштетил поголема површина со овошни насади со сина слива.
–  Конкретно кај мене оштетените површини кои се наоѓаат на местото викано „Грлото” се околу четири декари. Имав овошни насади од сина слива која поради градот е целата на земја падната. Исто така оштетени овошни насади од сина слива имаат и моите соседи кои имаат имот во близина. Врнежите од град започнаа околу 13:30 часот и траеја мошне кратко, но беа силни и ја предизвикаа штетата, рече Митевски.
Освен во делчевско, невремето создаде проблем и во пехчевскиот регион. Меѓу најпогодените подрачја е и туристичката населба „Равна Река”.
– Дождот беше обилен и набрзина го наполни речното корито кое носеше се пред себе. Во невремето оштетена е урбана опрема во туристичката населба, а постоеше опасност да бидат срушени и неколку мостови во близина, информираат жители од населбата.
Нестабилното време предизвика проблеми и во текот на изминатите денови во Пијанечко-малешевскиот регион. За штета на овошните насади информираа и жители од делчевското село Драмче, а врнежи од град во поголени количини деновиве беа забележани и во пехчевското село Црник.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *