Отворањето на границата ќе го заживее Дебар

 Жителите од двете страни на македонско-албанската границата, но и сопствениците на објекти од трговска, угостителска и другата услужна дејност, со нетрпение ја очекуваат одлуката на Владата на Северна Македонија за отворање на границата, откако од 1 јуни тоа го направи Владата на Република Албанија.  

Со отворањето на границата дебрани очекуваат повторно да заживеат трговската и другата услужна дејност,  зашто жителите од пограничните албански села, како и Македонците во областа Голо Брдо, поради близината тука редовно доаѓаат на шопинг, разубавување, релаксација но и за работа.

– Отворањето на границата секако ќе придонесе повторно да заживее трговијата и услужната дејност во градот. Проценка е дека дури половина од прометот го прават токму албанските граѓани од пограничниот појас, а тука доаѓаат и за стоматолошка и друга здравствена услуга, на фризер, бербер, поправка на автомобили, набавка на гориво. Не се ретки и оние што поради близината во угостителските објекти
доаѓаат и за ручек или вечера со свои пријатели, па дури и на прошетка и на едно кафе, велат од регионалната стопанска комора.

Тоа го потврдуваат и сопствениците на бизниси, кои поради неработењето во изминатиот период поради пандемијата со КОВИД-19 претрпеа голема загуба.

На секојдневен шопинг во Дебар, каде што набавуваат сè, па дури и лекови, семенски материјал и препарати за земјоделство, освен жителите од Пешкопеја, Булќиза, Маќелари, Поцеста, доаѓаат и Македонците од Голо Брдо, кои припаѓаат кон округот Пешкопеја. Најбројни се секако во саботите, кога е
пазарен ден во Дебар.

Тие, исто така, во Северна Македонија престојуваат и како сезонски работници, посебно во градежништвото, бидејќи се познати мајстори на градба со камен.

– Нам, Македонците од Голо Брдо, кое опфаќа 22 села, многу поблиску ни е да пазаруваме во Дебар, отколку во Булќиза или да речеме Пешкопеја. Со пуштањето на преминот Џепиште – Требиште, пред неколку години, како и асфалтниот пат што нè поврзува, за помалку од половина час, доаѓаме во
Дебар, за разлика од патот до Булќиза или Либражд, кој е макадам и потребно е патување неколку часа. Тука пазаруваме сè што ни е потребно. Нашите жители се познати по мајсторството во градбата со камен, па се многу барани. Сега ќе може повторно егзистенцијата да ја обезбедуваме во Македонија, вели Или Халилај од село Требиште и претседател на огранокот на Македонското друштво „Илинден“.

a

Во исто време и дебрани често патуваат, најчесто во Маќелари и Пешкопеја, исто така да пазаруваат, а и едните и другите поради роднинската поврзаност одат на домашни веселби или обични посети.

Треба да се напомене дека округот Пешкопеја, каде што живеат над 200.000 жители, остана недопрен од коронавирусот. Досега во оваа област не е регистриран ниеден случај.

Разгледување на можноста за отворање на границите неодамна од шефот на албанската дипломатија Гент Цакај побара единствениот пратеник од Македонска алијанса за европска интеграција во албанскиот Парламент Васил Стерјовски на онлајн седницата на парламентарната комисија за европска
интеграција.

– Затворањето на границите им наштети на сите албански граѓани, но особено македонската заедница економски е многу оштетена затоа што, како што знаеме, таа традиционално живее во пограничните области со Република Македонија. Конкретно, повеќето жители на македонската заедница не се вработени и повеќето се занимаваат со сезонска работа, особено во Република Македонија. Зборувам за областа Преспа, Општина Пустец и областа на Голо Брдо денес во Општина Булќиза. Поминаа три месеци како се затворени границите и луѓето се невработени, рече Стерјовски.

Тој побара доколку оваа ситуација продолжи со затворањето на границите, барем да се разгледа можноста жителите на македонската заедница во пограничните области да можат да
влегуваат да работат во Македонија, затоа што работат во македонските гранични области, во Ресен, во Дебар, во Охрид. Додаде дека позитивен е фактот што во Општина Пустец, во областа на Голо Брдо во Општина Булќиза „во целата оваа состојба со пандемијата, немаме ниеден случај заразен со коронавирус“.

Министерот Цакај рече дека со неговиот македонски колега Димитров, во целиот овој период е во секојдневна комуникација и секако, меѓу другото, разговарале и за можноста за отворање на границите.

– Треба да се има предвид дека отворањето на границите треба да се направи внимателно и во согласност со сите потреби за одржување на јавното здравје и спречување на пандемијата. Треба да се објасни дека затворањето на границите не направило штета само за македонското малцинство. Тоа навистина се рефлектира на општо ниво, не само на национално ниво во Албанија, но каде и да сме
имале општо затворање, блокирање на разни економски активности како резултат на коронавирусот. Затоа, не треба да гледаме само од етничка перспектива, туку треба да го гледаме како неизбежна последица од ситуација во која сите сме еднакво незадоволни, рече Цакај.

Инаку, на двата гранични премини кај Дебар „Блато“ и Џепиште – Требиште, најголема фреквенција на патници и возила има во летниот период. На „Блато“ поради заминувањето на македонски граѓани на одмор на албанското крајбрежје, каде што во просек годишно престојуваат 100 до 150.000. На
вториот граничен премин, кој е од локален карактер и може да минуваат само жителите од Дебар и Голо
Брдо, фреквенцијата ја зголемуваат домашните веселби, кои се прават главно во летниот период, како и доаѓањето на жителите од Голо Брдо од земјите каде што се на работа.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *