А5: Колективно решавање на сите регионални и глобални предизвици

Потребата од интезивна одбранбена соработка, добрососедски односи и колективно решавање на сите регионални и глобални предизвици на земјите членки на Јадранската повелба, е најважниот заклучок на состанокот на министрите за одбрана на А5, што денеска се одржа во Охрид, соопшти министерката за одбрана Радмила Шекеринска, по потпишувањето на заедничката изјава.

-Во тој контекст, се заложивме да продолжиме заеднички да придонесуваме кон глобалниот мир и стабилност и тоа преку продолжување на учеството во рамки на мисијата на НАТО во Авганистан. Ги нотиравме националните одлуки за зголемено чество во мисијата „Одлучна поддршка“ и изразивме подготвеност да разгледаме други можности за заедничко учество во други активности на НАТО, согласно потребите на Алијансата, истакна Шекеринска.

Во изјавата е истакната недвосмислената поддршка за Македонија во стекнување на полноправно членство во НАТО, а поздравен е и придонесот на Босна и Херцеговина во операциите на Алијансата.

Членките од А5 ја поздравија и инцијативата на Македонија за амбициите на нашата држава во водечката улога во имплементација на родовата перспектива во поширок безбедносен контекст.

Шекеринска рече дека Македонија е одлучна да стане 30-членка на НАТО и дека земјите од А5 тоа недвосмислено го поддржуваат и потенцираше дека интеграцијата на Македонија во Алијансата е од круцијална важност за целиот регион.

-Нашиот регион многу пати досега знаеше да биде предизвик за Европа, но нема да дозволиме историјата да се повтори. Оваа значајна иницијатива покажува дека нашиот пристап се менува и дека делата покажуваат дека регионалната соработка не е само фраза, истакна Шекеринска.

Од јануари 2018 година претседателството со Јадранската повелба го презема Црна Гора.

САД-Јадранската Повелба е форум што поттикнува заеднички и координирани напори за што побрзо исполнување на критериумите и стандардите на НАТО и развој на активности насочени кон унапредување на меѓусебната соработка и градење на мирот, демократијата, стабилноста и просперитетот во Регионот. Формирана е во 2002 година како А-3 формација во состав Македонија, Албанија и Хрватска, а во 2008 се приклучија Црна Гора и Босна и Херцегивина кога беше усогласен Партнерски План за имплементација на САД – Јадранската Повелба во нов формат (А-5).