Бигорската обител го пречека својот духовен татко како новоизбран епископ

Со серадосно ликување, Светата Бигорска Обител, заедно со притекнатите верници, достоинствено го дочека својот Старец и игумен, Архимандрит Партениј, кој вчера едногласно беше избран за нов епископ од страна на светите архијереи на Свештениот Синод на МПЦ-ОА, информираат од Бигорскиот манастир.

– Мили мои, во овој миг сум особено возбуден, не толку поради одлуката на Светиот Синод да бидам избран за архиереј, колку од вашата љубов. Ве молам да ми простите што во моментот не можам нешто особено да ви кажам, затоа што не можам да ги спречам солзите и чувствата. Нема ништо поголемо од безусловната љубов, којашто не бара корист, не бара правда. Љубов, којашто не е лицемерна, која не е човекоугодничка, туку e едноставно, љубов заради љубов, добрина заради добрина, рече архиереј Партениј.

Посочи дека токму на темелите на таа љубов е изградено братство, сестринствата, како и нивниот однос со сите духовни чеда и посетители во манастирите, и додаде дека таа љубов ја смета како најголемо богатство.

– Додека се враќав наваму, постојано размислував за фактот дека нема ништо поскапоцено од тоа некој да те сака безусловно. Да те љуби заради самиот тебе, да те почитува заради Бога. Не затоа што имаш некаков чин, затоа што, можеби, си некој и нешто во општеството, туку чисто заради тебе самиот, како Божјо создание. А уште повеќе трогнува љубовта некој да те сака и почитува како татко. Ви благодарам, наjвозљубени мои, што вие токму така и ме сакате – како татко. Тоа најмногу ми значи. Зашто јас, како човек имам многу слабости, но навистина се трудам да ве сакам како мои деца. Вие сте моето најголемо богатство, рече тој.

Честопати се случува, додаде тој, некои лицемерно да им угодуваат на луѓе со чинови, но вистинската љубов, сепак се препознава. Затоа, посочи, Ве замолувам сите да се молите Бог да ни дава искрена љубов, која ја одмара душата на човекот и нѐ гради како богоподобни личности во Христа.

– Уште еднаш, бескрајно ви благодарам. Ќе го повторам уште еднаш она што им го кажав на браќата на синаксис – дека без вас јас ништо не сум… Затоа, мили мои чеда, монаси, монахињи и мирјани, ве замолувам секогаш да ми помагате во носењето на тешкиот крст и ако грешам, поткрепувајте ме со вашата љубов, помогнете ми полесно да ги наминувам своите човечки слабости. Да ги носиме крстовите еден на друг, за на крај да имаме добар исход и добар одговор и да останеме со бел образ до крајот на нашите животи. Простете ми, ви зборувам од срце. Навистина, се чувствувам немоќен да ви се залбагодарам за вашата љубов. Просто, немам зборови да го направам тоa, рече тој.

Ви се поклонувам на сите вас, особено на нашиот сепочитуван пастир и владика, митрополитот Тимотеј, чијашто архиерејска закрила ја чувствуваме секогаш во нашите обители, рече архиереј Партениј.

Од името на нашата монашка заедница се обрати најстариот собрат, јеромонахот Доситеј.

– Дозволете ми, од името на братството и сестринството да ја изразам нашата сеопшта радост, од евангелските зборови, од зборовите на благата вест за предлогот да бидете удостоен со возвишениот епископски чин, за коj сметам дека е соодветствува на Вашиот духовен раст, рече меѓудругото јеромонахот Доситеј завршувајќи со зборовите за многаја и благаја лета, наш Владико, рече тој.

Светиот архиерејски синод, на вчерашната седница игуменот на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“, високопреподбниот архимандрит Партениј, едногласно го избра за нов епископ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Отец Партениј е викарен епископ на Дебарско-кичевската епархија, со титула „Епископ Антаниски“ (според македонскиот античкиот град Антанија, кој бил епископско седиште), но истовремено ќе ја задржи и својата должност како игумен на Бигорскиот Манастир, каде што ќе биде и неговото постојано седиште.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *