Домбровскис: Свесни сме за економските предизвици на Балканот и ќе помогнеме

Потпретседателот на Европската Комисија, Валдис Домбровскис, денеска по виртуелната средба со земјите од Западен Балкан во рамките на економскиот дијалог, порача дека ЕК е целосно посветена да им помогне на земјите од регионот во справувањето со економските последиците од кризата, јави дописничката на МИА од Брисел.

Економскиот дијалог помеѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција се одржува секоја година и има за цел да го процени напредокот во економските и финансиските реформи на земјите на патот кон членство во Унијата. Оваа година, средбата е посветена на кризата со коронавирусот и нејзините социоекономски последици.

Во заклучоците од средбата, како што објави МИА вчера, се бара од властите да го зајакнат јавниот здравствен сектор, вработеноста, социјалната заштита, како и да го поддржат приватниот сектор.

Хрватскиот министер за финансии, Здравко Мариќ, кој претседаваше со состанок оцени дека дијалогот бил „многу добар“.

-Разменивме мислења за мерките кои ги преземаат земјите, но не би можел да ги коментирам специфичните детали на нашите партнерски земји на западниот Балкан, идејата беше да размениме мислења за тоа што до сега е преземено од страна на властите, изјави Мариќ за МИА.

Потпретседателот на Европската Комисија задолжен за економијата, Валдис Домбровскис, од своја страна порача дека иако за сега не ги коментира деталите од мерките во Северна Македонија, ниту во другите земји од регионот, Европската Комисија останува посветена да му помогне на Западен Балкан во справување со последиците од кризата.

За таа цел, ЕК веќе обезбеди пристап до серија инструменти за земјите од регионот, како и итна помош и макрофинансиска поддршка за десет држави од соседството на ЕУ.

-Сакам да истакнам дека ЕУ ќе остане од блиску ангажирана со соседните земји и ќе им помогне да ја надминат кризата, рече Домрбовскис.

Тој додаде дека се подготвуваат и Меморандуми на разбирање со десетте земји кои ќе добијат макрофинансиска поддршка од ЕУ, меѓу кои е и Северна Македонија.

-Многу добро сме свесни за предизвиците со кои се соочуваат земјите и сме желни да дадеме поддршка, рече потпретседателот на Европската Комисија.

Европската Унија во заклучоците објавени денеска препорачува Северна Македонија да се фокусира на структурните реформи и слабости на нејзината економија, бидејќи кризата со коронавирусот најсилно ќе ги погоди најслабите столбови на македонската економија.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *