Денеска ја реафирмиравме нашата решеност да продолжиме и да ја продлабочиме нашата соработка за да ги ублажиме последиците од пандемијата на Ковид-19 и да ги поставиме темелите за закрепнување на регионот, пишува во заедничката изјава по вториот министерски форум „Солун 2020“ на шефовите на дипломатиите на Северна Македонија, Грција, Бугарија, Романија, Словенија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и Косово.
На денешната средба преку видеоконференција, организрана по иницијатива на министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Дендиас, присуствуваа и комесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји и претставници на Хрватска, како земја претседавач со ЕУ, генералната секретарка на Европската служба за надворешни работи, Хелга Шмид и директорот во Генералниот директорат за миграција и внатрешни работи на Европската комисија, Јоханес Лухнер.
Во обраќањето на конференцијата министерот Димитров изрази задоволство што за кратко време со грчките пријатели успеавме да бидеме виртуелни кодомаќини на колегите од регионот, од земји членки на ЕУ во негова непосредна близина и на високи претставници на Унијата, со цел да се иницира дискусија за заедничката соработка во следната фаза по појавата на пандемијата, нешто што беше незамисливо до пред неколку години.
– Чувството на заедништво што се создаде по иницијалниот шок од кризата, верувам дека со заеднички и координирани чекори ќе го развиваме и понатаму, а во насока на што поскоро и побезбедно враќање кон редовни социо-економски текови на нашите општества и закрепнување од последиците од Ковид-19, нагласи Димитров.
Тој изрази благодарност и до партнерите од ЕУ за чувството дека нè земаат предвид при носење на мерки и насоки од различен карактер при менаџирање со кризата, справување со последиците и постепеното излегување од рестриктивните мерки.
– Сето тоа дава увереност дека таквиот пристап ќе продолжи и во иднина, во насока на целосна интеграција на Западниот Балкан во ЕУ. Заедничката изјава што денес ја усвоивме е уште еден показател во тој поглед, додаде Димитров.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, за време на состанокот биле донесени десет заклучоци што се однесуваат на стратешкото партнерство меѓу ЕУ и Западен Балкан, на здравствениот и туристичкиот сектор и транспортот, на регионалната соработка, како и почитување на индивидуалните права и слободи, независните медиуми и борбата со ширење на дезинформациите, а паралелно ја поздравуваат и одлуката на Унијата за помошта за регионот за справување со пандемијата, .
Целта на Конференцијата беше отпочнување на дискусија помеѓу Министерствата за надворешни работи како тие можат успешно да придонесат, преку заемна соработка, во следните фази од справување со социо-економските последици кои ги предизвика пандемијата на Ковид -19. Во фокусот беше тековната и идна соработка поврзана со можните начини за регулирање на прекуграничното патување, транспортот и туризмот, како и заемната поддршка на економиите на земјите во светло на пакетот насоки и препораки на Европската комисија објавен на 13 мај за тоа како да им помогне на земјите членки постепено да ги подигнат ограничувањата за патување и да се овозможи повторно отворање на туристичкиот сектор, имајќи го предвид здравјето на граѓаните како приоритет.
За здравствениот сектор говорат за засилена, редовна соработка меѓу епидемиолозите и здравствените работници што би можело да биде од помош за надминување и дополнително ширење на пандемијата.
– Оваа соработка би можела да го зајкане создавање регионална мрежа на болници и оддели за здравствена заштита кои ќе треба да соработуваат за лекување на пациенти со Ковид-19. Експертите и здравствените работници треба да разменат мислења во врска со здравствени протоколи за хотелите и да ги разгледаат критериумите, како и за безбедно и постепено обновување на туристичките активности, пишува во заедничката изјава.
Министрите велат дека „координираната рамка за безбедно враќање на транспортот и поврзаноста на билатерално и регионално ниво треба да биде приоритет“ и ја поздравуваат иницијативата на Европската комисија да обезбеди „брз проток на стоки преку зелените ленти што ги поврзуваат ЕУ и Западен Балкан“.
– Обновувањето на движењето, повторното отворање на границите и укинување на наметнатите мерки треба да биде постепен процес, заснован на епидемиолошка проценка и спроведен на координиран начин. Здравјето на работниците во транспортот и на патниците и брзото минимизирање на било какви ризици во врска со повторното појавување на пандемијата ќе бидат главен приоритет, пишува во заедничкото соопштение.
Во однос на туристичкиот сектор, велат дека би можело да се разгледа координиран процес меѓу надлежните органи на регионално ниво и редовна прекугранична комуникација, за да се олесни обновување на туристичките активности.
– Во овој дух, ние сме подготвени да разговараме, на ниво на надлежните власти, за најдобрите начини за постепено олеснување на рестрикциите, во зависност од состојбата на национално ниво и на ниво на ЕУ, во однос на прекуграничното/ граничното патување и туризмот, секторот кој е особено погоден од кризата и претставува важен двигател на растот и креирањето работни места за многу земји во регионот, пишуваат министрите.
Паралелно ја истакнуваат важноста на целосното почитување на индивидуалните права и слободи, како и на независните медиум и слободната размена на точни и веродостојни информации, а ги споменуваат и предизвиците за справување со лажните вести за Ковид-19.
-Решени сме да се бориме против ширењето на дезинформациите, како и против говорот на омраза, пишуваат министрите.