Општина Маврово и Ростуше доби нов современ објект за потребите на локалната самоуправа

Општина Маврово и Ростуше доби нов современ објект за потребите на локалната самоуправа, изграден во Ростуше, седиштето на општината.

Откако е извршено и опремувањето на работните простории службите од денес и официјално почнаа со работа во истите.

Во новата општинска зграда што се наоѓа во близина на Здравствениот дом, односно на влезот во Ростуше, сместени се службите од повеќе одделенија, освен одделението за урбанизам и комунални дејности и она за инспекциски надзор кои ќе продолжат со работа во општинската зграда во Маврово.

Градоначалникот Медат Куртовски не го крие задоволството од успешната реализација на овој, уште еден, но многу значен проект, со кој условите за непречено работење на општинската администрација ни од далеку не може да се споредат со досегашните.

-За првпат во нашата општина се изгради нова општинска зграда во која се сместени одделенијата за правни работи, за општи и заеднички служби, за финансии, за човечки ресурси. Со ова ќе се подобрат условите за работа на вработените а ќе се подобри и квалитетот на услугите во интерес на граѓаните од нашата општина и државата. Претходно службите работеа во зграда стара стотина години, изјави за МИА, градоначалникот Медат Куртовски.

Објектот располага со 580 квадратни метри корисна површина а инвестирани се 18 милиони денари, средства од Светска банка а имплементирани преку МСИП програмата на Министерство за финансии на Владата на Република Северна Македонија.