Македонски концепт и СДУ бараат брзи избори

Политичката платформа Македонски концепт и политичката партија СДУ, предупредуваат од можноста да влеземе во нова уставна / институционална криза, доколку не се одржат брзи предвремени парламентарни избори.

Изборите е потребно да се одржат најдоцна од втора половина на јуни до првата половина на јули 2020 година. Со тоа ќе се избегне генерирање на нестабилност во земјата, ќе се распушти оваа “Пржинска влада”, а земјата ќе влезе во процес на стабилизација и нормализација.

Политичките партии треба веднаш да престанат со личните калкулации на нивните лидери, а да се држат до државниот интерес за воспоставување на целосно легитимна политичка власт во земјата.

Потсетуваме дека политичката криза од крајот на минатата година требаше да биде решена на предвремени парламентарни избори. Парламентот се распушти во редовни услови, без можност за негово повторно свикување. Процесот на спроведување на изборите беше времено одложен од прогласување на вонредна состојба, поради новата здравствена криза предизвикана од вирусот Ковид-19. Во услови на пандемија, се соочуваме со сè понагласена економска криза, која се заканува да предизвика дестабилизација на целото општество.

Министерството за здравство официјално констатираше дека епидемијата е под контрола, а Владата започна со укинување на рестриктивните мерки. За период од 15 денови, се очекува здравствената криза целосно да исчезне.

Потребен е фокус на решавање на економската криза и да не дозволиме да влеземе во нова потешка уставна / институционална криза. Решение на таквата состојба се брзи и ефикасно спроведени избори.

Експертите предупредуваат за можен втор бран на коронавирусот од септември 2020 година. Македонија не смее да влезе во таков период и нова здравствена криза во услови на нефункционален државен систем, без парламент, со некаква квази Пржинска влада, надвор од Уставниот поредок. Летниот период да се искористи за целосна политичка и институционална стабилизација на земјата, со цел да бидеме подготвени за следните предизвици.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *