Дебарското муфтиство ги отвори џамиите за верниците, апелира на строго почитување на мерките

Дебарското муфтиство, кое ги опфаќа општините Дебар, Центар Жупа и подрачјето на Река, општина Маврово и Ростуше, денеска ги отвори џамиите за верниците.

Координаторот на муфтиството Решат Качалнику истакна дека сите верници биле запознаени со последната одлука на Ријасетот на ИВЗ за отворање на џамиите и со мерките кои треба задолжително да ги почитуваат, доколку сакаат да влезат во верскиот објект.

Тој посочи дека верниците ги известиле и преку официјалната веб страница на Муфтиството и преку локалните и регионални медиуми.

– Во досегашниот период  вршевме онлајн пренос на молитвите кои ги извршуваа имамите сами. Пренесувани на медиумите кои постојат во нашиот град  беа и предавањата на нашите имами. Со тоа ќе продолжиме и понатаму, додава Качалнику.

Во објавата на Муфтиството се наведува дека дневните намази ќе се клањаат во џамија, освен сабах и акшам, поради тоа што се за време на полицискиот час, па верниците тие клањања ќе ги вршат дома.

– Ги замолуваме верниците да ги почитуваат мерките за заштита со кои претходно ги запознавме. Му благодариме на Возвишениот Алах што ги отвори џамиите во месец Рамазан, и не повика повторно да се вратиме во нив. Алах да го прими нашиот пост, и нашите молитви и да ни ги прости гревовите, стои во објвата на дебарското муфтиство.

На територијата што го опфаќа дебарскто муфтиство има околу 50 џамии, кои беа дезинфицирани уште на почетокот на пандемијата, а тоа е направено и деновиве по најавата за нивно отворање за верниците.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *