Кумановски кризен штаб бара заживување на стопанството и враќање во функција на општинските служби

Кумановскиот кризен штаб бара од Владата, во најитна постапка да донесе мерки, протоколи и препораки за брзо заживување на стопанските субјекти, а на градоначалникот му препорачува да ги врати во функција сите служби во рамки на Општина Куманово, како и во јавните претпријатија за да се запази функционалноста на општината и потребите на граѓаните.
-Согласно предходно изготвената проценка за епидемиолошката состојба од страна на Комисија за заразни болести и Министерство за здравство за територија на Општина Куманово, бараме од Владата на РСМ во најитна постапка да донесе соодветни мерки, протоколи и препораки за брзо заживување на стопанските субјекти ( хотели, ресторани, кафеани, кафулиња, занаетчиски дуќани и мали трговски единици) на територија на Општина Куманово со јасни и прецизно детерминирани услови и насоки за начинот, поставеноста и внатрешното уредување на функционалниот поростор во истите, се наведува во соопштението од денешната 42. седница на кризниот штаб на Куманово.

На состанокот е донесена препорака да се прекине со понатамошна дезинфекција на претходно определените пунктови за возила во градот, освен на двата кои ги поврзуваат општините Куманово и Липково (Огрев и Бедиње). Ќе престане и превентивната дезинфекција  на станбените објекти која ја спроведуваа повеќе субјекти и таа обврска согласно со законот ќе им се предаде на станбените домари кои се задолжени за одржување на зградите.

Превентивната дезинфекција на јавни простории и површини во Куманово ќе престане, но улиците и понатаму ќе ги мијат екипите на „Чистота и Зеленило“ со натриум хипохлорид.
Согласно со претходните мерки предложени од Владата, штабот му препорачува на градоначалникот да ги врати во функција сите служби во рамки на Општина Куманово, како и во јавните претпријатија за да се запази функционалноста на општината и потребите на граѓаните. Штабот му препорачува на градоначалникот во консултација со Владата во најскоро време да излезе со предлози за делумно враќање на градскиот превоз, што како барање произлегло од средбата со претставниците на локалниот економски совет.
Врз основа на препораките и уредбите на Влада од кумановскиот кризен штаб ги потсетуваат граѓаните дека се должни да носат лична заштита на лицето при излегување надвор од својот дом, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори на оператори, кои поради нивната природа на дејност претставуваат место на собирање на повеќе лица ( државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени институции и сл.)

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *