Вчерашната билатерална средба на шефовите на дипломатиите на Грција и Македонија, како и денешната заедно со медијаторот Нимиц се најдоа во фокусот на грчките медиуми, а прашањето со името, повторно, се искачи високо на агендата на новинарите кај јужниот сосед. Медиумите, за средбите во Виена велат дека се „ненадејни“ и за “интензивирање на разговорите за името“.
Како што јавува дописникот на МИА од Атина, дел од медиумите во Грција коментираат дека нацрт спогодбата од грчката страна е подготвена и ќе биде презентирана во Виена, а дел, како што вчера објави МИА, дека сѐ уште се работи на неа, а Коѕијас на Димитров ќе му ја претстави во Скопје при патувањето со директен лет од Атина, веднаш штом и во пракса се промени името на скопскиот аеродром.
Коѕијас, говорејќи за државната ТВ ЕРТ пред две седмици, рече дека нацрт спогодбата ќе биде готова кон средината на февруари.
– Еден ден по ненадејната средба на двајцата министри за надворешни работи, интересот се префрла на контактите што ќе ги имаат со Нимиц. Останува непознато како ќе се движи грчката страна во однос на спогодбата што ја подготвува владата за комплетно решавање на прашањето. Односно, дали ќе му претстави на Нимиц некаков прелиминарна драфт верзија или ќе ја достави кога ќе биде завршена, објави „То Вима“.
„Катимерини“ пишува дека контактите го потврдуваат интензивирањето на преговорите, а според дипломатски извори на весникот, во следните седмици дополнително ќе се згуснат овие контакти и средби.
– Денеска се испитуваат следните чекори во преговорите меѓу Грција и ПЈРМ, на состанок на двајцата министри за надворешни работи, Никос Коѕијас и Никола Димитров, со посредство на специјалниот претставник на ОН, Метју Нимиц. Вчера, двајцата министри имаа билатерална средба во Виена, која што беше ненадејно најавена синоќа и од три страни (Атина, Скопје, ОН), без да се знае нешто друго, пишува „Катимерини“ и додава дека веројатно е двајцата министри да се сретнат во Софија во четврток и петок.
На 15 и 16 февруари во Софија ќе се одржи неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ (ГИМНИХ) на кој ќе присуствуваат и двајцата министри за надворешни работи. И покрај тоа што грчките медиуми во изминатите денови најавуваа дека Димитров и Коѕијас ќе се сретнат во бугарската престолнина, сепак, за тоа не постои официјална потврда. Веројатно е дека во зависност од тоа како ќе се движат разговорите во Виена, ќе се одредат и следните чекори.
Грчките медиуми, во нивните текстови, јавува дописникот на МИА од Атина, ја споменуваат и посетата на Зоран Заев на Турција и средбите што македонскиот премиер ги имаше со турскиот државен врв.
– Поддршка од Турција во напорите на Скопје да се интегрира во НАТО, побара и како што беше целосно очекувано, доби, премиерот на ПЈРМ Зоран Заев при неговата дводневна посета на Анкара, пишува „Катимерини“