,,ПРЛИЧЕВА БЕСЕДА,, ВО СИДНЕЈ

Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј на 2 февруари во истоимената библиотека по повод 125 годишнината од смртта на поетот Григор Прличев одржа „Прличева беседа“.

Беседа за Прличев одржаа поетите Душан Ристевски и Иван Трпоски, при што нагласија дека Прличев како македонски литературен великан, поет, народен трибун и преродбеник сеуште има големо влијание врз македонската книжевност не само во Македонија туку и во Австралија. Литературното друштво постои 40 години и начелата на истото се темелат врз основата на Прличевата желба да се пее и раскажува на својот мил мајчин македонски јазик. Иако ние живееме во Австралија каде сме изложени на асимилација, опстојуваме како нација поради љубовта што ја имаме кон јазикот и македонските културни вредности што сме ги понеле со себе и што ни биле пренесувани со генерации.

За да се зачува и негува македонскиот збор Литературното друштво покрај тоа што објавува книги од своите членови секоја година организира конкурс за поезија и расказ, има повеќе илјаден книжевен фонд во својата библиотека и активно е вклучено во промовирање на македонската литература.

На крајот од беседата се читаше поезија посветена на лавороносецот Прличев.