Бизнисот бара казнена политика со почести опомени и пониски глоби

Промена на казнената политика со интервенции кај Законот за прекршоци, почеста примена на опомената, намалување на глобите, исфрлање на мандатниот платен налог и доуредување на прекршочниот како опција која дава можност за жалба и пониска глоба, побара денеска Групацијата на меѓународни шпедитери и логистички оператори при Стопанската комора на Македонија.

Сметаат дека при утврдување на висината на глобата треба да се земе предвид и тежината и природата на направениот прекршок, степенот на одговорноста на сторителот и останатите околности под кои е направен. Сега  глобата се утврдува само од перформансите на фирмата, како што е висината на приходите, вкупниот број вработени и дали претходно биле изрекувани прекршочни санкции.

– Бараме да се намали сегашниот максимален износ на висината глоба кој сега е 5.000 евра, како и да се укинат останатите членови од Законот а со кои  максималниот износ паѓа во вода и е дозволено со друг член тој износ да биде и неколкукратно поголем, рече на прес-конференција Ѓино Шкријељ, претседател на Групацијата на меѓународни шпедитери и логистички оператори.

Татјана Штерјова од Стопанската комора на Македонија, укажа дека сегашниот Законот за прекршоци уредува дека глоба на правно лице  може да биде изречена во износ меѓу 200 и 5.000 евра, но истовремено уредува и дека на пример со Царинскиот закон максималната пропишана глоба да биде 15.000 евра, а со Законот за води и до 20.000  евра.

Од Групацијата бараат и да се преиспитаат модалитетите како се уредени постапките за порамнување, особено кај мандатниот платен налог каде нема право на жалба.

Според Шкријељ, прекршочниот  платен налог  е далеку пофер затоа што нуди право на жалба ако се призане делото и право на 50 проценти попуст ако се плати во рок од осум  дена. Но, укажува, тука е проблематичен минималниот износ, кој почнува со 200 евра и 30 проценти за одговорото лице во фирмата.

– Мандатниот платен налог ние би го исфрлиле и би се фокусирале на прекршочниот каде што и државата и стопанствениците би биле задоволни, рече Шкријељ.

Опомените, како што потенцира, треба да се применуваат повеќе. Сега има ист третман на пример за секој износ на избегнати давачки условно речено, или кои се последица на каква било грешка, од над 600 денари,  се плаќа казна од 375 евра, што е нависистина несразмерно ниту на делото кое е сторено.

Резултатите од спроведените истражувања покажале дека кај фирмите многу поповолен ефект ќе има ако им се укаже на пропустите и се повикаат на едукација за да се избегне можноста за повторување на прекршокот.

Промените во Законот за прекршоци  треба да бидат опфатени со стратегијата за реформа на  правосудниот систем.