Земјава се наоѓа на 67 место од вкупно 117 држави според меѓународното истражување на Индексот за отвореност на буџет (Open budget index – OBI). Оценката за транспарентен буџет за Македонија е 41 (од 100) при што 100 означува задоволителна, а 0 незадоволителна транспарентност, информира Транспаренси интернешнл Македонија (ТИМ).
-Во однос на земјите од регионот Македонија има за една нијанса подобра оценка (41) од Србија (40), и од Босна и Херцеговина (33). Најдобро рангирана земја е Бугарија со оценка 71, додека Хрватска и Словенија имаат оценка од 68, а Албанија 55. Македонија имала највисока оценка за транспарентен буџет во 2010 година со 49 (од 100), а најниска оценка во 2012 и 2015 година – 35 (од 100), додека во 2017 година оценката изнесувала 37, соопшти Трансапренси интернешнл Македонија.
Во однос на вклучувањето на јавноста во креирање на националниот буџет, се вели во соопштението, Македонија има оценка 0 (од 100) за јавната вклученост со што се наоѓа на најниското место во регионот, додека Србија има оценка 2 за јавната вклученост, Босна и Херцеговина и Албанија (7), Словенија (11), Хрватска (22), Бугарија (26) со што има највисока оценка од останатите.
-За да може да се зајакне јавната вклученост во процесот на креирање на буџет, Министерството за финансии треба да воспостави механизам за да ја вклучи јавноста во креирање на буџетот и мониторирањето на спроведување на буџетот, и активно да ги вклучи ранливите групи директно или преку граѓански организации коишто ги претставуваат. Собранието, пак, треба да ги вклучи граѓаните или граѓанските организации на нивните седници за донесување на буџет пред неговото официјално одобрување, како и да ги вклучи граѓаните или граѓанските организации на нивните седници за ревизорскиот извештај. Државниот ревизор треба да создаде формален механизам со којшто ќе и овозможи на јавноста да биде вклучена во создавањето на ревизорската програма и да придонесе во ревизорските истраги, препорачува Транспаренси интернешнл Македонија.
Истражувањето и оценката за отворен буџет е независно, компаративно истражување коешто е базирано на факти и користи меѓународно признаени критериуми за оценка на јавниот пристап за информации поврзани со државниот буџет, можностите за пристап во процесот за креирање на националниот буџет и улогата на институциите коишто треба да вршат контрола врз буџетското трошење како што е легислативата и ревизијата во буџетскиот процес.
Excellent article! I appreciate the thorough and thoughtful approach you took. For more details and related content, here’s a helpful link: LEARN MORE. Can’t wait to see the discussion unfold!