Петре Шилегов во Белград со подршка на изборниот митинг на ДС

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов вечерва во Белград со подршка на Драган Шутановац и опозициската коалиција на Демократската странка (ДС) „Да го ослободиме Белград“.

На првата Конвенција на демократите за изборите за градот Белград во Халата на спортовите „Ранко Жеравица“, Петре Шилегов, како што изјави за МИА, зборуваше како претставник на СДСМ и на премиерот Зоран Заев во знак на поддршка на кандидатот за градоначалник и лидер на Демократската странка Драган Шутановац, со цел да се „Ослободи Белград“, како што е слоганот на коалицијата за претстојните избори на главниот град на Србија.

– Ние сме сестрински партии и досега имаме добра соработка и контакти со Демократската партија на Шутановац, изјави Шилегов.

Од Демократската странка за МИА изјавија дека подршката на премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев им значи многу, а доаѓањето на Шилегов има значење бидејќи станува збор за градоначалник на главен град, кој со леснотија победил уште во првиот круг.

Покрај Петре Шилегов, на конвенцијата говореа и кандидатот за белградски градоначалник Драган Шутановац, Весна Ракиќ-Водинелиќ-која е прва на изборната листа, лидерот на СДС и поранешен претседател Борис Тадиќ и на Нова странка и поранешен премиер Зоран Живковиќ, Марко Ѓуришиќ и др.

Коалицијата „Да го ослободиме Белград-биди и ти ослободител на Белград“ покрај Демократската странка (ДС), ја сочинуваат и Социјалдемократската странка (СДС) на Борис Тадиќ, Нова странка (НОВА) на Зоран Живковиќ и Зелената еколошка партија (Зелени).

На изборите за главниот град на Србија, за кои опозицијата има големи надежи за победа, граѓаните не избираат градоначалник, туку само гласаат за листите на партиите или за коалициите, а градоначалникот со тимот се избира во Собранието на градот Белград. Меѓутоа, непишано правило е повеќето коалиции и партии пред изборите да ги најавуваат своите кандидати за градоначалник, доколку освојат доволен број на одборници за негов избор.

Изборите за градот Белград ќе се одржат на 4 март. И владејачките партии и опозицијата одат со повеќе изборни листи и кандидати.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *