Во Берово откажани туристичките сместувања за велигденските празници

По препорака на координативниот кризен штаб во Берово, а во соработка со сопствениците на приватните сместувачки капацитети, престојниот викенд за велигденските празници на територијата на општината, откажани се сите нови комерцијални сместувања. Со оваа одлука, како што соопштија од Кризниот штаб, сопствениците на викенд куќи и туристички капацитети, нема да сместуваат нови туристи во своите објекти.

-Ова вечерва беше заклучено, прво на состанокот на општинскиот кризен штаб во Берово, а потоа согласност за мерката дадоа и сопствениците на викендиците во туристичките населби, кои во насока на зачувување на јавното здравје, љубезно и едногласно се согласија, да се откажат од заработувачката за велигденските празници, информираа од кризниот штаб.

Туристите кои се сместени во своите приватни викенд куќи, или оние кои се во издавачките капацитети од претходно, согласно препораките на Кризниот штаб не смеат да ја напуштаат туристичката населба во која се сместени, од утре, четврток во 16:00 часот, заклучно со вторник 21 април 2020 година до 05:00 часот.

-Од останатите мерки кои ќе бидат преземени ќе се изврши дезинфекција низ туристичките населби, низ јавните површини и пешачката патека на браната, во текот на утрешниот или наредниот ден, кога тоа ќе го дозволат временските услови. Предвидено е вршење редовни контроли низ локалните економски оператори, со цел да се увиди дали се почитуваат насоките и препораките од Владата, дополнија од Кризниот штаб во Берово.

Од Општина Берово и Градоначалникот Пекевски, упатија јавна благодарност до сите сопственици на викенд куќите,  кои се откажаа од комерцијалните сместувања, во интерес на јавното здравје, во време на пандемија од КОВИД 19. Во Берово заклучно со денешниот ден, нема позитивен случај на коронавирус.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *