Прилепчани ги вапцаа велигденските јајца

Изутринава, пред изгрејсоце, прилепчанки ги вапцаа велигденските јајца. Првото е Господово и се изнесува на прозорецот за да го помилуваат првите сончеви зраци.

Адетите и обичаите остануваат и во вакви вонредни ситуции. Лиле Ацеска, од прилепското здружение на жени „Преродба“, кое 14 години ги негува сите обичаи и традиции за поголемите празници. Годинава во вонредни услови, само се потсети на обичаите.

– Според ситуацијата, здружението „Преродба“ оваа година во мал број, сепак ја почитува традицијата и се вапцаат јајца. Рано изутрината, пред изгрејсонце се вапцаа првите три јајца. Кој сака, може и едно. Првото е Господовото јајце. На црвена крпа се изнесува на прозорецот да го помилуваат првите сончеви зраци. Кога ќе се разбудат домашните, на децата им се поминува со црвеното јајце и им се вели „Црвено, бело, дебело“. Првото јајце се чува до икончето, може да стои цела година. Некаде го чуваат и за лек. Црвената боја е симбол. Додека бев помлада вапцав во бои и експериментирав со шарите на јајцата. Но, последниве години јајцата ги вапцам црвени, објаснува Ацеска.

Лилјана Ѓорѓиеска, претседателка на здружението „Преродба“ нагласува дека годинава сите адети за Велигден ќе ги помине дома.

– Годинава многу работи се променија. Како здружение не се собравме заедно, да ги вапцаме јајцата. Освен тоа, третиот ден на Велигден сме се собирале на Велигденска трпеза. Но, ќе има можности понатаму и в година, дај боже здравје. Годинава Велигден ќе си го прославиме во своите домови. Ситуацијата е таква сите ние мора да се чуваме и да внимаваме. Ние традицијата ќе си ја продолжиме со сите празници кои следуваат. Мојата порака е да не ја заборавиме традицијата. Ќе се владеме според условите кои сега ги имаме, но традицијата не смееме да ја заборавиме, вели Ѓорѓиоска.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *