Првиот приватен универзитет ФОН од денеска и официјално го менува своето име во Американски универзитет на Европа – ФОН (American University of Europe – FON ), AUE- FON, соопштија од Универзитетот.
Овој процес, како што посочуваат, е проследен со соодветни акредитации во државава, како и меѓународни акредитации во Европа и во САД согласно највисоките образовни стандарди.
Од Универзитетот истакнаа дека промените ги најавиле уште на почетокот на годинава на меѓународниот симпозиум по повод денот на образованието 24 јануари, кога беше промовиран и новиот одбор за доверба (board of trustees) во кој учествуваат доктори на науки, професори, добитници на Нобелова награда, поранешни и сегашни раководители на значајни глобални институции, како што се УНЕСКО, ММФ…, сегашни и поранешни министри за образование на Франција, Гвинеја, Буркина Фасо, Доминиканска Република, светски реномирани научници, поранешни тренери и спортисти, фондации и бизнисмени.