Зелена партија ДОМ остро се спротивставува на градежните активности во Старата скопска чаршија. Чаршијата е културно историско јадро и симбол на градот Скопје и секоја интервенција влијае на нејзиниот изглед и автентичност. Неслучајно со Законот за Старата скопска чаршија од 2008 година, чаршијата е прогласена за културно наследство од особено значење и е под заштита на државата.
ДОМ бара надлежните институции, Управата за заштита на културното наследство, НУ Конзерваторски центар-Скопје и Општина Чаир детално да ја информираат јавноста за “Проектот за ревитализација на Старата скопска чаршија”. Дали промената на калдрмата и витрините е според законските прописи и правила за заштита на културно наследство и дали се планира автентична реконструкција според историски извори?
Дополнително, ДОМ смета дека во овој период на корона криза, трошењето на финансиски средства за ваква намена е непродуктивно и неодговорно.
Затоа, бараме градежните активности во чаршијата веднаш да запрат, а средствата да се пренаменат за справување со здравствените и социо-економските последици од пандемијата!